Бериша во октомври минатата година се најде под истрага поради сомнеж дека ја злоупотребил јавната функција за неговиот зет Џамарбер Малтези да може да приватизира јавно земјиште во главниот град Тирана и да изгради 17 станбени згради.
Лидерот на опозициската Демократска партија, кој има 79 години, од декември е во куќен притвор бидејќи го прекршил претходниот договор со судот на секои две недели да им се јавува на властите. Забрането му е и да патува во странство.
Албанскиот парламент во декември му го одзема на Бериша кривичноправниот имунитет.
Бериша тврди дека и неговото апсење и истрагата против него се одраз на политичката репресија која ја наредил премиерот Еди Рама, лидерот на владејачката Социјалистичка партија.
„Ништо не се сменило. Ова е продолжување на политичката одмазда“, им кажа Бериша на новинарите пред канцеларијата на специјалниот обвинител пред да ги отфрли сите обвиненија за корупција.
Бериша од 1992 до 1997 година беше претседател на Албанија. Премиер беше осум години, од 2005 до 2013 година. На парламентарните избори во 2021 година се врати во албанското собрание како пратеник на Демократската партија.
Изборите во Албанија се следната година. Ако Бериша биде осуден или и понатаму му се суди во времето на нивното одржување, може да му биде оневозможено да се кандидира на изборите.
САД во мај 2021, а Британија во јули 2022 година му забранија на Бериша и на членови на неговото семејство влез во тие земји поради обвиненијата за корупција.