Од влегувањето на трите балтички земји во НАТО во 2004, по нивното небо патролираат авиони на НАТО бидејќи тие немаат борбени авиони.
Мисијата на НАТО за надзор на балтичкото небо „треба не само да патролира туку, ако биде потребно, ако е возможно, ако времето тоа го дозволува, да го скрати синџирот на одлучување на ниво на НАТО за авионите да можат веднаш да полетаат и да ги уништат дроновите“, им кажа на новинарите Лауринас Качиунас. Руски дрон од иранско производство „шахед“ падна во саботата во Летонија но не експлодира.
Летонскиот претседател Едгарс Ринкевиц кажа во вторникот дека неговата земја разговара за тој проблем со сојузниците.
„Го поставуваме прашањето на протоколот за пресретнување дронови кај нашите партнери во НАТО и бараме сојузничките борбени авиони да бидат користени штом некој дрон се приближи до нашите граници“, кажа тој, оценувајќи дека проблемот настанува поради тоа што авионите добиваат команди од НАТО, а не од локално ниво, што ја успорува процедурата.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски кажа на почетокот на месецот дека Варшава треба да има право да ги урива руските дронови кои се приближуваат до нејзина територија додека сè уште се над Украина.
Киев исто така побара од соседните земји членки на НАТО да ги уриваат руските ракети и дронови кои ги напаѓаат украинските западни региони. „Русите сè почесто гаѓаат места во близина на границата со НАТО“, кажа шефот на дипломатијата Андреј Сибиха, повикувајќи на заеднички, цврст и решителен одговор“.