„Со импровизираниот напад потсетивме дека македонскиот народ се изборил за својата независност и самостојност и тоа мора да се памети и почитува. Овој празник, оваа победа на македонскиот народ е светла точка во нашата историја. Но исто така поттик и мотив, сега и во иднина цврсто да застанеме кога се во прашање нашите национални интереси, доколку сакаме да го продолжиме патот кој е започнат пред 82 години, а со тоа да го зачуваме достоинството на Република Македонија!“, изјави Јовчески.
Меморијалниот музеј „11 Октомври“, некогашниот Участак, пред кој започнале настаните на 11 октомври 1941 беше отворен и бројни прилепчани и гости го посетија музејот. Граѓаните порачаа по никоја цена да не се заборави скапо платената слобода и пожртвуваноста на востаниците, борците револуционери, партизаните.
„Јас сум од постарата генерација, празникот 11 Октомври за мене има најголемо значење. Мојата порака е да го чествуваме празникот, да се потсетуваме и никогаш да не заборавиме што сѐ е дадено за нашата слобода и независност“, рече еден граѓанин.
„Редовно доаѓам во Музејот, кој бил полициска станица на фашистите. Сакам да видам каде е мачена мајка ми која постојани ни раскажуваше што претрпеле во тие тешки времиња“, рече друг прилепчанец кој го гледаше импровизираниот напад врз Участакот.
Во чест на празникот, во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена годишната изложба на членовите на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп.
Во Градската библиотека „Борка Талески“ се чествуваше празникот со манифестацијата „Октомвриска ноќ: Прослава на уметноста и поезијата“ во спомен на хероите од НОБ и револуцијата. Се отвори изложба од академскиот сликар Сергеј Андреевски, а ќе се чита избор песни од Метре М. Андреевски и од Светлана Христова Јоциќ.
Централното чествување синоќа беше на камената бина на плоштадот „Александрија“, со музичко сценски изведби и рецитал „Октомври“.
Во предвечерието на празникот, учениците од десетте прилепски основни училишта на плоштадот Методија Андонов – Ченто, традиционално, во пресрет на празникот 11 Октомври го формираа македонското знаме.
На празникот, бројни делегации ќе им одадат почит на првиот претседател на президиумот на АСНОМ Методија Андонов – Ченто, пред неговиот споменик во центарот на градот, на идеологот на Револуцијата, Кузман Јосифоски – Питу, а почит за борците ќе им биде оддадена на Могилата на непобедените, заедничката горбница на прилепските борци во Паркот на револуцијата, каде се вклесани имињата на борците и каде се бистите на десетте народни херои од Прилеп.
Фото и видео: Општина Прилеп