вторник, 22 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Нaјважната игра

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста, политичката коректност, јавниот ред и морал, правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Во Апсурдистан најважна игра беше демократијата. Зависно од стилот, таа или беше натпревар меѓу два тима, „лев“ и „десен“, или меѓу повеќе. Во секој случај, нивните имиња однапред беа зададени: „либерали“, „прогресивци“, „конзервативци“, „демохристијани“, „зелени“, „социјалдемократи“, „социјалисти“…

„Демократија“ е крајно непровидна и замрсена игра. Во некоја рака, „демократија“ може да се спореди со фудбалот: наместо топка служеше народот, кој си го подаваа играчите од различните тимови. Но тука завршуваше сличноста со фудбалот. Бидејќи, наместо да се постигне гол, целта на играта беше да се шутне народот што е можно посилно во некој од играчите од спротивниот тим, при што удар право во лицето на противничкиот играч особено се ценеше. Доколку, пак, ударот беше толку силен, што противничкиот играч ќе паднеше покосен на земја, противничкиот тим урлаше на цел глас „демократија“; таквиот удар носеше најмногу поени.

Но „демократија“ беше далеку повеќе од прост и грубијански машки спорт кој се залева со евтино пиво и е депресивен како фудбал во недела попладне. Во „демократија“ прецизната употреба на жаргонот беше исто толку важна колку забиберувањето на топката и на противничкиот играч: па така, во зависност од тоа во кој дел од телото и колку силно ќе се пернеше противничкиот играч со топката, тимот од страната на играчот кој го нанел ударот требаше во еден глас да извика фраза која соодветствуваше на тој удар за да добие поени. Еве некои од правилата:

Силен удар во градите: „човекови права“.

Меѓу препоните:  „родови права“.

Удар кој оставаше модрици: „расна правда“.

Удар во задникот: „социјална правда“.

„Меѓународно право“: низок и хирушки прецизен удар под стомакот (доколку пак притоа противничкиот играч се превиткуваше од болки: „меѓународна заедница“).

Страничен удар во ребра: „правна држава“.

Удар отпозади: „малцински права“.

Удар во стомакот (од кој противничкиот играч испушташе гасови): „климатска правда“…

Меѓутоа некогаш народот, ова… топката, се случуваше да излета од теренот. Технички, тоа се викаше „анархија“ (што, впрочем, беше сосем погрешно), при што играчите, немајќи веќе топка за шутирање, се шутираа едни со други – оние играчи што ќе успееја први да ги ишутираат сите противнички играчи надвор од теренот, победуваа со службен резултат, или, технички – со „револуција“.

Секако дека вакви сложени правила налагаа играта „демократија“ да има и судија, а тоа секогаш беше Капиталот. Како што налага должноста и овластувањето на судијата, Капиталот пресекуваше дали дадена ситуација е правна држава, меѓународно право, демократија, социјална правда… или пак револуција, или анархија.

И најпосле, една занимливост. Играта „демократија“ имаше многу интересна етимологија, која беше поврзана со нејзиното матно потекло кое води до темните предисториски времиња на митот, кога – ако му се верува на извесен Фрејзер –  оваа игра се играла со повеќе од една топка, но затоа, пак, сите останати правила биле многу прости: играчот морал по секоја цена да ги зачува своите топки, а да ги скрши топките на противникот; а народот, кој изворно најпрвин ја имал улогата на судија, при секој прецизен удар извикувал: „му ги скратија!“. Како што потоа е општо познато, демократијата настанува со социјален договор меѓу играчите да ги зачуваат своите топки, а да го шутираат народот. На што народот ќе рече: „демек си ги скратија!“ или скратено – „демек скратија“!

Сепак, неоспорен останува фактот дека – на еден или на друг начин – народот е основа на демократијата!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Филип Клетников

Војна против поединецот! Или: Што не научивме од Макс Штирнер

Миле Ѓорѓијоски

Драг мој земјаче Фатмир Дехари!

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ