Како што истакна Рисетски, сите економски мерки и овој закон се во интерес на граѓаните.
„До Нова година ќе се мониторира спроведувањето на Законот за нефер трговски практики, а потоа ќе следуваат ригорозни казни за оние што нема да ги почитуваат мерките предвидени со ова законско решение. Сите мерки, вклучително и овој закон, се во интерес на граѓаните и во насока на подобрување на животниот стандард“, истакна Ристески на прес-конференцијата на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.
Законот за нефер трговски практики стапи во сила кон крајот на септември. Со него се опфатени околу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто, поради што се очекува за 10 отсто да ги намали нивните цени. Со Законот, покрај ограничен рабат, трговците нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
Казната за најтежок прекршок и непочитување на овој Закон може да изнесува до 20.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице. Казните за полесни прекршоци зависат од тоа дали прекршокот го сторил правно или физичко лице. Највисокиот износ на казната за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5.000 до 6.000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец.
Надлежен орган за контрола на примената на Законот е Комисијата за заштита на конкуренцијата, која поведува и прекршочна постапка доколку се прекрши која било мандаторна одредба од Законот.