„Во однос на таканаречената воена соработка со Русија, мојата делегација не чувствува потреба да ги коментира овие неосновани стереотипни гласини“, изјави претставникот на Северна Кореја на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Овие тврдења на Сеул се „со цел да го нарушат имиџот“ на Северна Кореја и да ги „поткопаат легитимните, пријателски и кооперативни односи меѓу двете суверени држави“, додаде функционерот.
Вчера Јужна Кореја го покани рускиот амбасадор во Сеул на средба со барање за „итно“ повлекување на војниците што, според Јужна Кореја, Пјонгјанг ги испратил за да ѝ помогне на Москва во војната против Украина, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
Околу 1.500 припадници на севернокорејските специјални сили веќе се во Русија и се очекува наскоро да заминат на фронтот, соопшти во петокот јужнокорејската разузнавачка агенција.
Сеул очекува во Русија да бидат испратени околу 12.000 севернокорејски војници.