сабота, 16 ноември 2024

Најнов извештај на Пентагон открива стотици нови забележувања на НЛО

Најнов извештај на Пентагон за неидентификувани летечки објекти (НЛО) открива стотици нови забележувања на неидентификувани и необјаснети воздухопловни феномени, но без какви било назнаки кои би сугерирале вонземно потекло.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прегледот вклучува стотици случаи на погрешно идентификувани балони, птици и сателити, како и некои инциденти кои им пркосат на едноставните објаснувања, како блиска средба на комерцијален авион и мистериозен објект кај брегот на Њујорк.

Иако веројатно нема да ги прекине расправите за постоење вонземен живот, извештајот го одразува зголемениот интерес на јавноста за оваа тема и напорите на владата да пружи одговори. Објавен е еден ден откако пратениците во Претставничкиот дом на Конгресот повикаа на поголема транспарентност на владата при сослушувањата за неидентификувани аномални феномени (УАП) – термин кој владата го преферира за НЛО.

Федералните напори во проучувањето и идентификувањето на УАП се фокусирани на потенцијалните закани по националната безбедност или воздухопловната безбедност, а не на научно-фантастичните аспекти. Функционери на канцеларијата на Пентагон формирана во 2022 за следење на УАП, позната како канцеларија за решавање на аномалии во сите домени (ААРО), изјавиле дека нема назнаки дека кој било од анализираните случаи има вонземно потекло.

„Важно е да се истакне дека ААРО досега не открил докази за вонземни суштества, активности или технологија“, се наведува во извештајот.

Прегледот на Пентагон опфатил 757 случаи пријавени на американските власти низ светот од 1 мај 2023 до 1 јуни 2024 година. Вкупниот број вклучува и 272 инциденти кои се случиле пред тој период, но не биле претходно пријавени. Големо мнозинство од пријавените инциденти се случиле во воздушниот простор, додека 49 се забележани на висини од најмалку 100 километри, што се смета за вселена. Ниеден инцидент не бил забележан под вода. Сведоците кои ги поднеле извештаите вклучуваат комерцијални и воени пилоти, како и набљудувачи од земја.

Истражителите нашле објаснувања за речиси 300 инциденти. Во многу случаи непознатите објекти се идентификувани како балони, птици, авиони, дронови или сателити. Според извештајот, еден од сè почестите извори на забуна е сателитскиот систем Старлинк на Илон Маск, бидејќи луѓето често ги мешаат синџирите на сателити со НЛО.

Стотици други случаи остануваат необјаснети, иако авторите на извештајот истакнуваат дека тоа често произлегува од недостигот на доволно информации за донесување цврсти заклучоци.

Во инцидентите не се забележани ниту еден повреден или судир, иако екипажот на еден комерцијален лет пријавил средба со „цилиндричен објект“ додека летале над Атлантскиот Океан кај брегот на Њујорк. Тој инцидент е уште под истрага.

Во три други случаи воени екипажи пријавиле дека ги следеле или засенувале неидентификувани авиони, иако истражителите не нашле докази кои би ги поврзале тие активности со странска сила.

За време на сослушувањето за УАП во средата, пратениците слушнале сведочења на неколку стручни сведоци кои ги проучувале овие феномени, вклучувајќи двајца поранешни воени офицери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ