четврток, 21 ноември 2024
Барања од УСС на УКИМ

Над 28.000 студенти излегуваат на протест ако Арсовска и ЈСП не најдат решение за јавниот превоз

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје попладнево испрати соопштение во кое има голем број поплаки од состојбата во која се наоѓаат студентите поради нередовниот превоз. Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, Александар Николоски, бара итно воспоставување на редовните линии и враќање во нормала на функцијата на јавниот превоз и воведување нови и ефикасни транспортни решенија. Нивните барања се упатени на адресата на градоначалничката Данела Арсовска и на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Ако не се најде решение за јавниот превоз, над 28.000 студенти ќе излезат на протест и ќе им се приклучат на граѓаните, кои веќе најавија дека в петок излегуваат на улица.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

„Данела Арсовска и и Јавно сообраќајно претпријатие Скопје, по спроведената анкета на која одговорија над 3.150 студенти, 84% од нив во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65,9% од нив, чекаат автобус над 20 минути. Дополнително, 93,4% од студентите не се задоволни од квалитетот на јавниот градски превоз во градот, а 65,9% од нив воопшто не се задоволни од него. Затоа, има многубројни интерни поплаки од страна на студентите за време на одржувањето колоквиумска недела и предавања при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје и спроведената анкета за евидентната катастрофална положба во којашто се наоѓа градскиот превоз, нередовност на линии, неисправност на автобуси, долго чекање на постојки, која секојдневно го нарушува студенскиот стандард“, се вели во реакцијата на УСС на УКИМ.

Оттаму го доставија следниот ултиматум, кој ви го пренесуваме во целост:

„Јавното сообраќајно претпријатие Скопје и градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, до крајот на утрешниот ден, 21.11.2024, да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студенскиот стандард. Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело што претставува над 28.000 студенти при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест во петок 22.11.2024 со цел изразување на огромното незадоволство од менаџирањето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Дополнително, испраќаме силен апел за воспоставување на нови и ефикасни транспортни решенија и конечно отпочнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени од ваша страна и вашиот тим во градоначалничката предизборна програма, но и од страна на претходните градоначалници.

Конкретно, барањата се следните: продолжување и финализирање на проектот за Бас рапид транзит, воведување градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти (Јужен Булевар, бул. Хрватска, бул. Србија, мостот кај хотел Русија, продолжување на бул. Климент Охридски преку Вардар, под Кале до бул. Никола Карев, продолжување на бул. Илинден, Источна обиколница), набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови транспорт.

Доколку не можете да ги исполните ветувањата дадени во програмата, но и силните барања на граѓаните на вашиот Град, оставката секогаш е отворена опција“.

Градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, за в петок (22 ноември) најави протест пред зградата на Град Скопје од 13.30 часот. Причина за протестот е влошената состојба со јавниот превоз, кој предизвикува огромни проблеми на граѓаните.

Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП Скопје во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг од гориво.

Превоз нема, а граѓаните и учениците останаа на улиците барајќи начин да стасаат до своите домови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ