Како што соопшти Центарот за управување кризи, екипи на ЈП Македонија пат – Гевгелија интензивно работат на терен и се очекува овој патен правец во текот на денот да биде пробиен.
Благодарение на интервенција на АРМ и на механизацијата од ЈП Македонија пат, спасени се 18 лица што изутрината биле заглавени во автобус на патниот правец Тетово-Јажинце. Овој патен правец попладнево е прооден.
Патниот правец Тетово – Попова Шапка е прооден со употреба на зимска опрема. Другите патни правци се проодни, но сообраќајот се одвива во зимски услови.
Од Полициската станица во Маврови Анови известија дека патниот правец околу езерото не е расчистен и се прават напори за негово расчистување.
Поради лошите услови на патот има скратување на автобуските линии до 16 скопски села.
На патниот правец Крак Маврово – Стража сѐ уште има забрана за движење на тешки товарни возила, а иста е состојбата и на превоите Пресека и Стража.
Забрана за движење на тешки товарни возила има и на Плетвар, додека патниот правец „Ѓавато“ е прооден за сите видови возила без забрани.
Патниот правец Битола – Рапеш – Старавина и повеќето локални патни правци кон планинските села во општината Новаци и дел во општината Битола сѐ уште не се расчистени.
Непрооден е и патниот правец кон одморалиштето Пониква, каде што екипите на Македонија пат интензивно работат и се очекува за еден до два часа и тој патен правец да биде прооден.
Отсечени се и патиштата кон Чашка, Јасеново и Богомила, каде што треба наскоро да биде пуштена машина за расчистување на патот.