вторник, 10 декември 2024

Со „Џон Вардар против галаксиjaта“ Македонија излезе на светскиот пазар на анимираниот филм

По успехот на наградуваните играни филмови како „Пред дождот“ (1994) и „Медената земја“ (2019), македонската кинематографија презеде нов чекор – првиот долгометражен анимиран филм  „Џон Вардар против галаксијата“. Овој филм беше прикажан во Бразил за време на 48-от меѓународен филмски фестивал во Сао Паоло.

Објавено на

часот

Сподели

Приказната е за човек со низок коефициент на интелигенција, кој е киднапиран од самоцентричен робот, заинтересиран да го изложи во неговата меѓугалактичка зоолошка градина. Како и да е, двајцата се принудени да соработуваат за да го спречат најсмртоносното оружје во галаксијата и тука почнува вселенската авантура полна со странци, чудовишта и космички опасности.
Галактичката авантура почна многу порано, уште во 2009 година кога режисерот Гоце Цветановски ги откри цртежите што служеа како прототип за анимацијата на форумот за љубители на стрипови во Македонија. „Ги видов цртежите на вонземјаните и ми беа многу смешни. Тогаш решив да ја создадам приказната. Мислев дека би било забавно да се развие наратив полн со вонземјани“, рече тој за Си-ен-ен.

Како прв анимиран филм во Македонија, Цветановски и неговиот тим се соочија со неколку предизвици за да се дојде до реализација на проектот. Дури во 2015 година, по долгогодишниот развој, „Џон Вардар против галаксијата“ почна да се произведува во првото студио за анимација во земјата.

„Во тоа време, тоа беше најголемото студио за анимација, со 25 луѓе. Сепак, никој од нив немаше искуство во областа“, рече тој. „Ни требаа три години за да добиеме пари за финансирање на проектот“.

Цветановски е оптимист за иднината на неговиот анимиран филм. За време на прикажувањето на филмот на фестивалот во Сао Паоло, режисерот беше воодушевен од приемот на јавноста. „Видов многу луѓе како се смеат. Бразилскиот хумор е сличен на нашиот“, рече тој.

Цветановски се надева дека меѓународните дистрибутери ќе се заинтересираат за филмот. „Иако приказната е за вонземјани, заплетот се однесува на човечките вредности и проблеми. Се надевам дека ќе можеме да најдеме дистрибутер што ќе го однесе нашиот филм во светот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ