Фокусот на состанокот беше ставен на проширувањето на Европската Унија во светло на новите геополитички околности и руската агресија врз Украина, чии последици се рефлектираат како на регионалната, така и на глобалната безбедност и стабилност, соопшти МНРиНД.
Министрите ја потврдија улогата на ЦЕИ како важна платформа за ефективно решавање на регионалните предизвици и зајакнување на соработката во областите од заемен интерес.
Муцунски во обраќањето нагласи дека регионалната соработка е клучен модел за поттикнување на процесот на европска интеграција, кој е од суштинско значење за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој истакна дека одложувањето на процесот на проширување може сериозно да го наруши кредибилитетот на Европската Унија во регионот.
„ Стравот од уште еден потенцијално долг и непредвидлив процес само дополнително ја зголемува фрустрацијата кај нашите граѓани. Со многу непознати околу обемот и времето на претстојните пристапувања, секое понатамошно одложување би имало катастрофално влијание врз кредибилитетот на ЕУ во регионот“, потенцира министерот Муцунски.
Министерот се осврна и на улогата на ЦЕИ, важноста на регионалната соработка, силното партнерство во рамките на НАТО-алијансата и поддршката за Украина.
„ Целосно сме посветени на интензивирање на соработката, не само на меѓувладино и парламентарно ниво, туку и помеѓу нашите невладини организации, младите, научните институции, деловните заедници и локалните власти“, додаде Муцунски, акцентирајќи ја потребата од заеднички напори за натамошно зајакнување на соработката во рамките на ЦЕИ.