На прес-конференција во Софија, како што пренесуваат бугарските медиуми, Милков рече дека не е постигнат договор со Република Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4 мај, иако имало такви договори и практики во претходните години.
„Ќе организираме прослави во Бугарија во градот Гоце Делчев со учество на највисоко ниво. На овие прослави добредојдени се и претставници на Северна Македонија“, истакна Милков.
Тој предупреди дека оние бугарски граѓани кои ќе сакаат да го посетат гробот на Гоце Делчев во Скопје би можеле да се соочат со истите проблеми како во февруари, кога се одбележуваше 151 година од неговото раѓање.
Шефот на бугарската дипломатија вели и дека засега не гледа чекори од Скопје во насока на спроведување на таканаречениот француски предлог. Смета дека е многу важно како ќе бидат направени измените на Уставот на Македонија за вклучување на Бугарите.
„Нашиот обид да кажеме дека тоа треба да се направи на начин на кој ќе се земат предвид сите права на македонските Бугари, беше пречекан со нож. Бевме обвинети за мешање во внатрешните работи“, рече Милков.
Според него, секој обид за внесување оптимизам во билатералните односи засега останува без покритие.
Фото: МНР на Бугарија