четврток, 19 септември 2024

„Љубовната соба“ со награда за најдобар документарен филм на фестивал во Молдавија

Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски беше дел од официјална селекција и е избран за најдобар документарен филм на неодамнешниот филмски фестивал Сербест | SIFF | што се одржа од 5-10 септември, 2024, во Кишинев, Република Молдавија. Во овогодинешната натпреварувачка програма беа вклучени филмови од 42 земји на многу талентирани режисери од целиот свет, особено зашто главната мисија на фестивалот Сербест (SIFF) е да го промени начинот на кој луѓето го гледаат светот преку филмот.

Објавено на

часот

Сподели

„Љубовната соба“ е победник во категоријата за најдобар документарен филм. Ова е втора награда на „Љубовната соба“ за најдобар документарен филм. Пред тоа, на Меѓународниот документарен филмски фестивал Genesis, што се одржа во Пекинг, НР Кина во мај 2024, на „Љубовната соба“ ѝ беше доделена награда за најдобар документарен филм во категоријата „еден ден во животот”.

Инаку, долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ е селектиран за учество во официјална категорија на над 20 меѓународни филмски фестивали со бројни номинации и освоени две награди за најдобар документарен филм.

Во текот на септември и октомври, филмот е во официјална селекција на 19-от Меѓународен фестивал за човекови права (The International Human Rights Film Festival in Albania-IHRFFA), што се одржува во Тирана, Албанија, од 16 до 21 септември. Проекцијата на „Љубовната соба“ е закажана за 19 септември.

Од 3 до 10 октомври филмот е селeктиран во официјална селекција на филмскиот фестивал АPOX во Вели Лошињ, во Хрватска, а истовремено од 1 до 7 октомври е селектиран во Осмото издание на Меѓународниот фестивал на документарни филмови „ДокуБаку“ во Баку, Азербејџан во организација на Министерството за култура и Агенцијата за филм на Азербејџан. Филмот е номиниран во категоријата за најдобар документарен филм, меѓу 72 избрани филмови од 42 земји.

Филмот раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.

„Љубовната соба“ кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во ко-продукција со Аворд филм и видео. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, и тонски дизајнер е Игор Поповски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ