недела, 1 декември 2024
Америкас квортерли

Криминалниот бран на Еквадор и неговата албанска врска

Криминалните групи од Балканот помагаат земјата да се претвори во главен центар за нелегален извоз, пишува американското списание Америкас квортерли.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Дури и во регионот познат по рекордно насилство, се истакнува неодамнешното тонење на Еквадор во беззаконие и крвопролевање, пишува списанието и додава дека во центарот на еквадорските проблеми е бескрајната глобална побарувачка за кокаин. Делумно благодарение на балканските банди, Еквадор сега служи и како центар за претовар и извоз на кокаин од Колумбија и Перу. Кризата е силна во Есмералдас, на колумбиската граница, а особено во пристанишниот град Гвајакил, еквадорската порта кон светот.

Европската врска

Албанскиот организиран криминал почна да се сели во Еквадор во 1990-тите, привлечен од можноста за здружување на силите со успешните локални картели и релативно слабата гранична контрола. Албанците сѐ до неодамна можеа слободно да влегуваат во Еквадор без виза. Таа политика заврши кога Еквадор воведе построги визни барања во 2020 година, пишува списанието.

Според Америкас квортерли, приближно 33 отсто од запленетиот кокаин во Еквадор во 2021 година биле наменети за европските пазари, во споредба со само девет отсто во 2019 година. Балканот е клучен нов центар во оваа „доходовна интерконтинентална трговија“ (во вредност од 10 милијарди долари во 2017 година), при што албанските банди играат сè позначајна улога од двете страни на екваторот.

Поради операциите против наркотиците што ги зафатија Бразил, Колумбија и Перу, Еквадор стана примамлива дестинација за странските трговци со луѓе. Корупцијата го олеснува купувањето лажни документи, како лични карти, пасоши и извозни дозволи. Повеќето познати албански криминалци живеат во Гвајакил, често под лажен идентитет.

Балканските медиуми не штедеа детали за тоа како албанските, колумбиските, мексиканските, па дури и руските картели се борат за контрола над Гвајакил. Најмалку шест Албанци загинаа во „бандитски судири“ во последната деценија. Некои еквадорски разузнавачки извори сугерираат дека Албанците регрутираат доминантни локални банди како „омилени партнери“, додека други извори велат дека Албанците на крај имаат цел да го контролираат целиот синџир на снабдување.

Албанската мафија, вели понатаму списанието, прибегнува кон многу трикови во трговијата со дрога, од користење лажни компании за испраќање кокаин во пратки со банани, чај и ракчиња до клонирање царински печати. Малку од ова би било можно без „кимањето со глава“ на официјалните лица.

Еквадорските разузнавачки служби долго време ја држеа албанската мафија под надзор. Операцијата Балкан во 2014 година заврши со апсење на водачот на групата Ремзи Аземи и уште 11 члена на бандата, меѓу кои државјани на Албанија и на Еквадор.

Еквадорската полиција и обвинителството ја обвинија организацијата за складирање кокаин во Гвајакил наменет за Европа. Аземи побегна од притвор еден месец подоцна, повторно се појави во Европа во 2017 година, а подоцна беше уапсен во Германија.

Аземи сè уште се соочува со кривични пријави во Еквадор, меѓу другото и за убиство на неговата сопруга од Еквадор и на албанско-црногорскиот бегалец Фадил Качаниќ.

Еквадорските власти допрва треба да ги откријат своите наоди во случајот, па дури и да го признаат присуството на странски државјани што се поврзани со „бруталната балканска мафија“.

Два различни разузнавачки извори отидоа дотаму што сугерираа „заговор на високо ниво“ меѓу еквадорската полиција и албанската мафија, чиј член на банда наводно бил убиен од полицијата. Иако тие информации остануваат непотврдени, не оставаат сомнеж за мрачниот пресврт на законот, редот и јавната безбедност во Еквадор – и пошироко, заклучува американското списание.

.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ