Рубљата, која изгуби околу една четвртина од својата вредност во однос на доларот откако Путин испрати војници во Украина во февруари 2022 година, денеска достигна 101,04 рубљи за долар, најслабо во последните 17 месеци.
Економскиот советник на Путин, Максим Орешкин, за новинската агенција ТАСС изјави дека Кремљ сака силна рубља и наскоро очекува нормализација, интервенција што би можела да ја поттикне централната банка на акција пред новата одлука за каматните стапки во средината на септември.
„Главната причина за слабеењето на рубљата и забрзувањето на инфлацијата е лабавата монетарна политика“, напиша Орешкин. „Централната банка ги има сите алатки за да ја нормализира ситуацијата во блиска иднина и да обезбеди намалување на стапките на задолжување на одржливи нивоа.“
„Слабата рубља ја комплицира структурната трансформација на економијата и негативно се одразува на реалниот приход на граѓаните“, рече тој. „Во интерес на руската економија е да има силна рубља.“
Руската централна банка, која во јули ги зголеми каматните стапки за процентен поен на 8,5 отсто, за остриот пад на рубљата оваа година го обвини сѐ помалиот суфицит на тековната сметка, кој се намали за 85 отсто меѓу јануари и јули во споредба со истиот период минатата година.
Денеска банката објави дека не гледа ризици за финансиската стабилност поради слабеењето на рубљата и повторно сигнализираше можно скорашно ново зголемување на каматните стапки.