вторник, 26 ноември 2024

Костадиновски: Законодавецот да овозможи Уставниот суд да има ефективна моќ над пресудите од редовното судство

На годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски се обрати на панелот за „Правно советување за современи теми: Одлуки на Уставниот суд vis – a – vis одлуки од редовното судство”.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање Костадиновски го постави прашањето за надлежноста на Уставниот суд на Македонија, наспроти неприкосновеноста на судските одлуки од редовните судови. Односно ги отвори правните аспектите – дали може Уставниот суд  да поништува пресуди на редовните судови, со оглед на  дилемите што ги предизвикува оваа надлежност на Судот и различната уставно-судска пракса.

„Од денот на мојот избор за уставен судија, прашањето пред Судот се има појавено во неколку наврати. Првото соочување со оваа дилема за мене беше во мај 2019-та година, при расправата и одлучувањето за барањето за заштита на слободите и правата од двајца адвокати од Скопје, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски дека им се повредени правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија. Со Одлуката со која се утврди повредата, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да поништи и две Решенија од 2018-та година со кое Павлина Зефиќ адвокат од Скопје се казнува со парична казна, во износ од 1000 евра во денарска противвредност и второто, Панче Тошковски, адвокат од Скопје се казнува со парична казна во износ од 1000 евра во денарска противвредност. Во иста насока се и две решенија за истите подносители, изречени од  Апелациониот суд Скопје, во делот со кој адвокатите Павлина Зефиќ од Скопје и Панче Тошковски од Скопје, се казнуваат со парична казна во износ за двајцата од по 500 евра во денарска противвредност. Јас бев застапник на стојалиштето дека, без дилема Уставниот суд ја има таквата надлежност, но дел од судиите сметаа поинаку, а двајца судии го издвоија своето мислење, истакна претседателот на Уставниот суд, посочувајќи дека истата дилема се појавила и во 2023 година при поднесеното барање за заштита на слободите и правата на новинарот од Фокус, Влатко Стојановски“, ги наведе своите искуства Костадиновски, кои му ја создале дилемата за надлежноста на Уставниот суд, вр пресудите од редовното судство.

„Мојот став беше дека Уставниот суд има уставна надлежност и овластување да ги поништува пресудите на редовните судови. За мене како судија е неприфатливо донесување на утврдувачка/деклараторна одлука, без да се одреди правната судбина на поединечните акти со кои истата е сторена. Во тој случај имаме само декларација, декларативна одлука, ‘да повреда има, но дали последиците од таквата повреда ќе бидат отстранети’, не зависи од Уставниот суд, тоа ќе го цени некој друг“, вели Костадиновски.

Земајќи ги предвид надлежностите на Уставниот суд кои се утврдени со Уставот, а операционализирани со Актот на Судот, претседателот Костадиновски смета дека излез од овој правен лавиринт обременет со дилеми и недоречености во легислативата,  може да се бара преку зајакнување на уставно-судската контрола.

„Законодавецот мора да води грижа за правното дејство на одлуките на Уставниот суд, односно да обезбеди на уставно-судска контрола и на уставно-судска санкција да подлежат сите акти на државната, јавната власт, на еднаков начин, со што би се обезбедило и еднакво правно дејство на одлуките на Уставниот суд. Тоа значи дека Законодавецот кога со законско решение ги уредувал карактеристиките, правната природа и ефектот на пресудите на редовните судови,  морал да води грижа и за уставното барање тие да подлежат на уставно-судска контрола и санкција“, смета претседателот на Уставниот суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ