недела, 1 декември 2024

Како ќе изгледа животот во 2040 ако успее европскиот климатски план

Европејците ќе јадат помалку месо, масовно ќе возат велосипеди, ќе живеат во помали станови и полесно ќе дишат, пишува Политико во својата визија за иднината на животот на континентот доколку успее климатскиот план на ЕУ.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Годината е 2040 година, а зелената револуција на Европската Унија е 90 проценти завршена.

Климатската неутралност е на дофат на раката во 2040 година, бидејќи блокот успеал да ги намали заедничките емисии на стакленички гасови на десеттина од нивоата во 1990 година, според целта предложена пред 16 години.

Резултатот е трансформиран континент, а да се стигне до таму не било лесно – владејачките коалиции се распаднати, компаниите се затворени, а земјоделците повеќе пати го опседнуваа Брисел.

Европејците сега повеќе возат велосипед и јадат помалку месо. Руралните области имаат помалку крави на пасење и повеќе електрични кабли над главата.

Во ЕУ не останал ниеден рудник за јаглен, но работните места во зеленото производство цветаат.

Накратко, намалувањето од 90 отсто до 2040 година бара Европа да ја трансформира својата економија, да ги промени своите пејзажи и начинот на живот.

Глобалното затоплување во меѓувреме исто така предизвикало промени. Јужните ЕУ-земји ја ограничуваат работата на отворено во лето. Скијачката туристичка индустрија на Алпите пропаѓа. Од климатизираниот Берлејмонт, Европската комисија ја распоредува европската сѐ поголема противпожарна флота да се бори со разгорените пожари и да посредува меѓу регионите што се караат за правата на водата.

Фото: ЕПА

Назад во 2024 година, Комисијата штотуку поддржа план што во суштина ја предвидува оваа иднина. Преку процената од 605 страници, тој прикажува како ЕУ би можела да постигне 90 отсто намалување на емисиите до 2040 година.

Сепак, невозможно е да се каже дали оваа замислена иднина некогаш ќе се случи бидејќи климатските политики наидуваат на отпор низ целиот континент. Земјоделците во Европа се бунтуваат, а претстојните ЕУ-избори ги примамуваат пратениците да им ветат на своите гласачи лесна зелена транзиција.

Сепак, гледајќи ја сопствената оценка на ЕУ и неодамнешните извештаи од Европскиот научен советодавен комитет за климатски промени, едно е јасно – ако Европа сака да постигне климатска неутралност, неизбежни се промени што го менуваат целиот живот.

Не постои едноставен пат до климатската неутралност.

Значи, под претпоставка дека сè оди според планот, што е многу сомнително, еве како би можел да изгледа животот во Европа за 16 години.

Земјоделска револуција

Што има во вашиот фрижидер во 2040 година? Веројатно помалку производи од животинско потекло.

Таа промена во исхраната ѝ помогнала на Европа значително да ги намали емисиите. Домашните животни сè уште се главниот извор на метан во ЕУ, вториот најголем двигател на глобалното затоплување, но помалата побарувачка за месо и млечни производи довела до намалување на бројот на добитокот и емисиите на гасови.

Брисел и владите на земјите-членки спровеле разни мерки за да ги поттикнат луѓето да јадат повеќе растителна храна.

Погледнете ја внимателно содржината на вашиот фрижидер: може да има етикета за јаглероден интензитет. Можеби тие колбаси сте ги купиле од вештачко месо затоа што биле поевтини од вистинските, бидејќи поврзувањето на емисиите на јаглерод со храната ги зголемило цените на месото.

За земјоделците, транзицијата значела земјоделска револуција. Сточарски фарми има сѐ помалку.

Во 2023 година, научните советници на ЕУ предвидоа пад на побарувачката до 50 проценти. Земјоделците, исто така, се принудени нагло да ја намалат употребата на ѓубрива базирани на азот, што бара промена на земјоделските практики за да се одржи стабилен принос.

Изворите на приходи на земјоделците исто така морало драстично да се променат. Притоа, многумина ги искористиле предностите на новиот пазар за отстранување на јаглеродот за да заработат пари со складирање на ЦО2 на својата земја, особено во областите што претходно се користеле за пасење или одгледување на култури за добиточна храна.

Меѓутоа, додека Европа постепено ја укинува употребата на фосилни горива, земјоделството сега е најголемиот извор на емисии на континентот.

Доколку ЕУ сака да постигне климатска неутралност во 2050 година, секторот ќе мора уште повеќе да го намали загадувањето.

Помала потрошувачка

Излезете од кујната и погледнете го другиот дел од вашиот стан.

Ако во 2020 година својот дом сте го грееле со нафтени или гасни радијатори, веројатно оттогаш сте инсталирале електрична топлинска пумпа.

Колку појужно живеете, толку е поголема веројатноста дека вашиот дом сега има клима бидејќи температурите редовно надминуваат 40 Целзиусови степени.

Но и покрај користењето наизменична струја, зградите низ целата ЕУ трошат помалку енергија благодарение на електрификацијата и подобрата изолација.

Тоа веројатно значи и пониски сметки за струја. Користењето на кое било фосилно гориво е скапо бидејќи даноците за јаглерод се зголемени и субвенциите се укинати.

Европејците ја намалиле својата севкупна потрошувачка.

Ова може да значи дека тие свесно купуваат помалку нови работи, но голем дел од намалувањето е скриен во синџирот на исхрана бидејќи производителите сѐ повеќе користат рециклирани материјали.

Некои влади вовеле мерки за да го запрат зголемувањето на животниот простор за просечниот Европеец бидејќи сѐ повеќе луѓе живеат сами, што ја зголемува побарувачката за енергија и материјали.

Новите мерки се движат од лични олеснувања за ЦО2 до програми и даночни олеснувања за да им се помогне на паровите да се преселат во помали станбени објекти откако нивните деца ќе се иселат.

Постои уште еден тренд, кој веројатно ќе ги втурне луѓето во помали или попренатрупани сместувања. Со оглед на трошоците за реновирање, „релативните трошоци за домување веројатно ќе бидат повисоки“ до 2040 година, предвидува оценката на Комисијата од 2024.

Надвор од дома

Сега излезете надвор од просторот во кој живеете. Повеќето автомобили се електрични, 60 отсто од автомобилите на улиците имаат нулта-стапка на емисија на штетни гасови.

За да го постигне ова, ЕУ во 2035 година постепено ја прекина продажбата на нови автомобили со фосилни горива, и покрај силното противење на конзервативците.

Електричните автомобили не се единствената промена. Има зголемување на јавниот превоз и на краткорочното „рентање“, што исто така е поврзано со желбата да се троши помалку.

Наместо да поседуваат свои велосипеди, сѐ повеќе луѓе користат заеднички градски велосипеди.

Фото: ЕПА

Освен тоа, урбанистите работат на тоа да поттикнат повеќе луѓе да пешачат и да возат велосипед преку дизајнирање градови што овозможуваат пократки растојанија до училиштата и супермаркетите.

Кога станува збор за патувањето на долги релации, повеќе луѓе користат возови кога е можно.

Оданочувањето и цените на јагленот ги направиле летовите поскапи, така што сѐ помалку се оди на викенд-излет на Ибица или на деловни патувања на конференции низ Европа.

Збогум на фосилните горива

ЕУ речиси го декарбонизирала целиот свој електроенергетски систем до 2040 година.

Унијата сега работи главно на обновливи извори на енергија, со поддршка на нуклеарната енергија. Сообраќајниот сектор, со својата постојана побарувачка за нафта, сега е најголемиот потрошувач на фосилни горива.

Енергетската транзиција станала сè повидлива во последните години. Погледнете наоколу и ќе забележите пејзаж прошаран со повеќе преносни кули и повеќе кабли што се вкрстуваат над вашата глава. Ќе видите и повеќе ветерни турбини и соларни панели.

Фото: Пиксабеј

Енергијата на јаглен сега е укината, и покрај противењето на Полска.

Повеќе нема работни места поврзани со јаглен. „Вработеноста во индустријата за фосилни горива се очекува да биде на занемарливо ниво“, како што процени ЕК во 2024 година.

Пазарот на трудот се променил додека Европа ги напуштала јаглеродот и секторите како што се производството на мотори со внатрешно согорување, додека растат работните места во реновирањето згради, производството на чиста технологија и управувањето со ресурсите. Поради ова, стотици илјади Европејци се преквалификувале, особено мажите, бидејќи работните места исчезнуваат во секторите каде што биле вработени повеќе мажи отколку жени.

Индустриските емисии се намалиле за 85 отсто помеѓу 2015 и 2040 година. Некои компании морале да ги променат своите целокупни производствени процеси.

Други ги неутрализираат своите преостанати емисии со технологијата за ловење јаглерод, која станала посебна индустрија сама по себе, собирајќи го ЦО2 пред да влезе во атмосферата.

Полесно се дише

Намалувањето на емисиите во ЕУ помага да се забават климатските промени, но планетата продолжува да се загрева.

Летата се потопли, зимите поблаги, а временските услови сѐ почесто екстремни, поради што секоја година земаат животи и предизвикуваат штети од повеќе милијарди.

Но во 2040 година, Европејците уживаат во една конкретна придобивка од нивните напори да се декарбонизираат и електрифицираат – тие полесно дишат.

Како што се затвораат фабриките за јаглен и од улиците се отстрануваат дизел-автомобилите, прераната смрт од загадениот воздух драстично е намалена – од околу 466.000 годишно во 2015 година на помалку од 200.000 во 2040.

Има и други придобивки: преминувањето на растителна исхрана и поактивните начини на транспорт, како возење велосипед или пешачење, исто така го подобриле здравјето на просечниот Европеец.

Со помала побарувачка за нафта и гас, сметките за увоз на фосилни горива на континентот се повеќе од преполовени од 2020 година, ослободувајќи стотици милијарди што може да се потрошат за ублажување на зелената транзиција.

Дотогаш светот веројатно го надминал температурниот праг од 1,5 Целзиусов степен.

Сепак, секое делче од степенот на загревање што климатските напори на ЕУ го спречуваат ќе спаси животи и ќе го намали влијанието врз водата, природата, системите за храна и пошироката економија.

Сепак, во 2024 година, обемот на потребната промена изгледа како рецепт за социјални немири.

Минатата недела земјоделците запалија оган пред Европскиот парламент, а ЕУ сè уште не се ни обидела да го намали своето загадување со метан…

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ