четврток, 28 ноември 2024
Данијела Зорчец

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Како да им го олесниме животот на децата со оштетувања на видот и слухот

Целта на општеството е да создадеме услови во кои сите, без оглед на физичките ограничувања, ќе можат да живеат достојно и продуктивно.

Нарушениот вид може да влијае врз когнитивниот, емоционалниот, невролошкиот и физичкиот развој на детето, а оштетувањата на слухот може да имаат ефекти врз здравјето, независноста, благосостојбата, квалитетот на животот и секојдневното функционирање, како и врз секојдневната комуникација.

Визуелни оштетувања 

Визуелни оштетуваьа вклучуваат слаб вид и слепило и може да се однесуваат на кој било степен на оштетуваье на способноста на лицето да гледа, што влијае на неговиот или нејзиниот секојдневен живот.

Слепилото технички се однесува на целосно отсуство на вид, иако терминот често се користи за да се однесува на тешки оштетувања на видот кои резултираат со потреба за користење на невизуелните сензорни информации. Слабиот вид се однесува на оштетувања на видот кои се помалку сериозни од слепилото, но сепак, влијаат на способноста на лицето да ги заврши секојдневните активности до одреден степен.

Ако забележите дека очите на вашето дете не се движат синхронизирано додека следат предмет или лице, тоа може да биде знак за проблем. Дополнително, треперење на очите (од страна на страна или горе-долу), очи кои не изгледаат фокусирани, или зеници кои се различни по големина или изгледаат бели наместо црни, исто така може да укажуваат на одредени нарушувања.

Други знаци вклучуваат често затворање или покривање на едното око, високо ниво на несмасност како често удирање или превртување предмети, како и постојано замижување, трепкање или триење на очите без присуство на силна светлина. Исто така, обидете се да обрнете внимание дали детето седи премногу блиску до екрани, ги држи играчките блиску до лицето или избегнува задачи кои бараат визуелен фокус.

Оштетувањата на видот влијаат и врз менталното здравје. Најновите истражувања истакнуваат дека нивоата на анксиозност кај адолесцентите со вродено слепило се значајно покачени во однос на нивните врсници кои немаат оштетување на видот и дека децата со миопија (кратковидост) доживуваат значително повисоки нивоа на депресивност и анксиозност од нивните врсници без оштетување на видот.

Оштетувањето на видот го менува начинот на кој детето го разбира и функционира во светот. Нарушениот вид може да влијае на когнитивниот, емоционалниот, невролошкиот и физичкиот развој на детето со евентуално ограничување на опсегот на искуства и видовите информации на кои детето е изложено.

Совети за помош на дете со оштетен вид

Постојат неколку начини на кои може да му се помогне на дете со оштетен вид:

  • Да се обезбеди директно, практично искуство со реални предмети и материјали, бидејќи децата подобро ќе научат со допирање и правење работи.
  • Да се вклучи детето во мултисензорни искуства; важно е на детето да му се понудат предмети што се направени од различни материјали, како што се дрвени и метални предмети, парчиња ткаенина, предмети што се тврди, меки, крцкави, рапави…
  • Да се организира просторот во домот за да може детето да научи самостојно да ги лоцира работитеважно е работите да се чуваат на предвидливи локации, за детето полесно да ги најде. На пример, облеката, играчките, книгите, предметите во кујната и бањата да се чуваат секогаш на исто место.
  • Да се користат помагала за ориентација како стапови кои помагаат детето да се движи безбедно и самостојно.
  • Да се вклучи детето во спортски клубови и активности за деца со оштетен вид, што поттикнува социјализација и физичка активност.

Понатаму кога детето ќе започне да оди на училиште, потребна е едукација на родителите на детето и на наставниците за работа со деца со оштетен вид, прилагодување на училниците со добра осветленост, обезбедување на специјални помагала (како што се Брајево писмо, лупи, дигитални уреди) кои можат да помогнат во учењето и во пристапот до информации.

Оштетување на слухот

Слухот е сложен физиолошки процес и кога ќе се изгуби или намали, може да има ефекти врз здравјето, независноста, благосостојбата, квалитетот на животот и секојдневното функционирање, како и врз секојдневната комуникација. Губењето на слухот, било да е тоа постепено или акутно, благо или тешко, присутно од раѓање или стекнато во постара возраст, може да има значителни ефекти врз комуникациските способности, квалитетот на животот, социјалното учество и здравјето.

Оштетувањето на слухот исто така влијае врз менталното здравје. Стапката на потешкотии во менталното здравје е зголемена кај глувите деца и адолесценти во споредба со општата популација. Според некои студии, преваленцата на проблеми со менталното здравје е 2-3 пати поголема отколку кај нивните врсници без оштетувања на слухот, и се движи од 20 до 50%.

Се чини дека четири фактори значително влијаат на менталното здравје во оваа група: комуникациски проблеми, дополнителна попреченост, низок коефициент на интелигенција и злоупотреба/физичка дисциплина. Други автори посочуваат дека преваленцата на психосоцијалните проблеми е три пати поголема кај популацијата на глуви и наглуви. Проблемите во однесувањето, исто така, се чини дека се двојно поголеми отколку кај луѓето кои немаат оштетување на слухот. Недостатокот на комуникациски вештини и способност да се разберат реакциите и чувствата на другите деца предизвикува проблеми со врсниците и проблеми во однесувањето.

Некои знаци на оштетување на слухот кај децата се недостаток на реакција на звуци, детето не одговара на гласот на родителите, потешкотии во разбирањето на зборовите, повторување на звуци или на зборови, болки во ушите или чешање, и проблеми со рамнотежата.

Совети за помош на дете со оштетен слух

Постојат неколку начини на кои можете да му помогнете на дете со оштетен слух. Еден од нив е преуредување на домот за да се направи попогоден за луѓето со оштетен слух. Аспектите што треба да се земат предвид се:

а) светлина – речиси сите луѓе со оштетен слух го читаат говорот од усните на соговорникот. За да го направат тоа, потребна им е соодветна светлина. Родителите можат да им го овозможат тоа на децата така што ќе ја прилагодат светлината да паѓа на лицата на луѓето, но не и на очите на детето.

б) растојание – наглувите луѓе секогаш треба да бидат блиску до говорникот за да го слушнат.

в) бучава – најголема пречка на разбирањето на говорот е бучавата во позадина. Поради тоа, треба да се исклучи телевизорот или радиото бидејќи тоа ја попречува способноста на детето да слуша говор. Ако сообраќајот или друга надворешна бучава е присутна, треба да се затворат прозорците или вратите на домот.

Исто така, важно е да се поттикне успехот на детето. Нудењето љубов и охрабрувањето му покажува на детето дека е прифатено онакво какво што е. Обрнувањето внимание и поминувањето време заедно, може да му помогне на детето да се чувствува опуштено и самоуверено.

Многу е важно и детето активно да учествува во разбирањето на својата состојба. На пример, важно е да му се дозволи на детето да ја избере бојата на слушното помагало и сите забавни додатоци, како што се привезоците, што може да му помогне да се вклучи во процесот на неговиот третман.

При зборување со дете со оштетен слух треба да се гледа во очи, да се зборува бавно и јасно. Важно е да се користат визуелни знаци, како на пример користење на слики, симболи или пишување кратки пораки.

Важно е другите деца и возрасни во опкружувањето на детето да се образуваат за потребите на детето и како можат да помогнат во создавање на поддржувачко и разбирачко опкружување. Треба да се поттикне детето да учествува во различни активности како што се спортови или уметности за да се поттикне развојот на социјалните вештини и притоа детето да стекне и да создаде пријателства.

Лицата со физичка попреченост треба да имаат пристап до сите аспекти на општествениот живот, без пречки кои ги ограничуваат нивните способности. Ова вклучува адаптирање на инфраструктурата, како и обезбедување на специјализирани помагала (пример: употреба на слушни апарати, визуелни знаци и симболи, за деца со оштетен слух или Брајево писмо, лупи и оптички уреди за деца со оштетен вид) и разни технологии (пример: апликации за превод на знаковен јазик за деца со оштетен слух или апликации за читање Брајево писмо и гласовни навигатори за деца со оштетен вид).

Исто така, на овие лица треба да им се обезбедат еднакви можности за образование, вработување и социјална интеграција преку прилагодени програми и ресурси. Подобрувањето на свесноста кај општеството за предизвиците и потребите на лицата со физичка попреченост може да поттикне поголема емпатија и солидарност.

Семејствата на овие лица често имаат потреба од посебна емоционална (поддршка од семејството и пријателите, групи за поддршка, стручна помош) и практична поддршка (информации за ресурси, прилагодување на домот, образовни и терапевтски услуги, финансиска поддршка) за да ги разберат и исполнат потребите на своите блиски.

Целта на општеството е да создаде услови во кои сите, без оглед на физичките ограничувања, ќе можат да живеат достојно и продуктивно.

Данијела Зорчец

(Преземено од Республика)

Текстот е изработен во рамки на Еразмус+ проектот Синергетско образование на родители со деца со посебни потреби – SynergyEd

КОЛУМНИ

Фросина Крушкаровска

Мизогинијата како влезен наратив кон радикализација

Зоран Дабиќ

Македонско трчање за функција

Ристо Цицонков

Самит за климатски промени, нов (не)успех?

Џефри Д. Сакс

Што ја мачи Америка – и кое е решението

Љубомир Николовски

Повеќе од игра: Еволуцијата на платите во НБА

Ѓорѓи Марјановиќ

Сеќавања за Лигата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ