„Ако дојде до ескалација, нашиот прв приоритет е да го заштитиме Јордан и безбедноста на Јорданците. Ќе се спротивставиме на секој што сака да го наруши нашиот воздушен простор. Јордан нема да биде бојно поле“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади.
Тој го повика Израел да преземе одговорност, велејќи дека Тел Авив не може да продолжи да убива и да ја загрозува иднината на регионот, пренесува Европа прес.
Сафади објасни дека Хамас е „идеја“ што не може да се уништи и ја нагласи неопходноста на Палестинците да им се понуди алтернатива на стравот во кој моментално живеат поради израелската агресија на окупираните територии, вклучувајќи го и Појасот Газа, пренесува Танјуг.
Тој, исто така, го осуди убиството на Ханија како „злосторство на ескалација“ и „кршење на меѓународното право“ и повика на прекин на конфликтот во Газа.
Портпаролот на кувајтското Министерство за одбрана, Хамад ал-Сакер, рече дека заливската земја никогаш нема да се користи како „платформа“ за напад на други земји во регионот и посочи дека Кувајт нема да дозволи користење на неговата територија и воздушен простор за извршување воени операции.
Политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, е убиен во иранската престолнина Техеран од експлозивна направа која била скриена неколку недели претходно, пренесува Си-ен-ен.
Поради убиството на Ханија, Иран му се закани на Израел со одмазда, што ја поттикна загриженоста за ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.