Мерките на претпазливост вклучуваат избегнување прикажување на еврејски или израелски идентитет, објавија денеска израелските медиуми.
„По неодамнешните настани, Иран, Хезболах и Хамас (меѓу другите терористички фракции) ги објавија своите намери да се одмаздат за смртта на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија и лидерот на стратешката единица на Хезболах, Фуад Шукр“, се вели во соопштението на Советот објавено на интернет на англиски и хебрејски.
Израелската војска го уби Шукр во вторникот по ракетниот напад за кој го обвини либанскиот Хезболах, а во кој беа убиени 12 деца и млади луѓе во саботата во друзскиот град Маждал Шамс на окупираната Голанска Висорамнина.
Убиството на Ханија неколку часа подоцна во Техеран, исто така, му се припишува на Израел, иако тој не презеде одговорност за тоа.
„Можно е (Иран и неговите сојузници) да се одмаздат на израелските/еврејските локации во странство, како што се амбасадите, синагогите, центрите на еврејската заедница и така натаму“, се додава во соопштението на Советот, во кое се прецизира дека кошер рестораните и израелските компании, покрај верските центри на ортодоксните Евреи, се главна цел на „терористичките акции“.
Иран и неговите сојузници претходно гаѓаа еврејски институции во терористички напади, вклучително и експлозија на бомба во центар на еврејската заедница во Буенос Аирес во 1994 година, во која загинаа 85, а беа ранети повеќе од 300.
Се верува дека нападот бил нарачан од Иран, а извршен од Хезболах.
Покрај тоа, расте загриженоста дека ескалацијата ќе ја зголеми мотивацијата меѓу глобалните џихадистички организации и терористи кои дејствуваат сами.
Советот предложи Израелците „сериозно да размислат“ за патување во земји означени со трето или четврто ниво на опасност и да бидат крајно внимателни на другите дестинации, да избегнуваат големи настани, каде што нема обезбедување и демонстрации и протести.