петок, 1 ноември 2024

Институт Арбен Џафери: Ништо од транспарентноста на Бујар Османи, ги крие своите трошоци како министер

Министерството за надворешни работи (МНР), на чело со Бујар Османи, го прекршил Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, затоа што не одговорил на седум последователни наши барања за службените трошоци на министерот, се вели во соопштението на Институтот за јавни политики (ИЈП) Арбен Џафери.

Објавено на

часот

Сподели

Врз основа на член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Северна Македонија број 101/ 2019 година), Институтот за јавни политики на 25 март 2023 година за прв пат испратил барање за информации од јавен карактер до МНР за трошоците на министерот Османи. ИЈП Арбен Џафери побара информации за секое службено патување од 1 јануари 2022 до 1 декември 2023 година, за трошоците за авионски билети, трансфер од и до аеродром, хотел, дневници, храна и репрезентација, телефон и други патни трошоци.

Наместо одговор, ИЈП Арбен Џафери прими барање од МНР за повлекување на претставката поднесена до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во кооперативен дух, претставката беше повлечена, административниот молк продолжи.

ИЈП Арбен Џафери во текот на цела година го праќаше истото барање не помалку од седум пати, при што никогаш не доби одговор од МНР. Лани барањата беа испратени на 25 март, 26 мај, 22 јуни, 5 јули, 13 септември, 16 октомври и 12 декември. Одговорот на сите овие барања беше – управен молк.

„Имајќи предвид дека МНР не ги исполни своите обврски за пристап до јавните документи согласно поднесеното барање, како право загарантирано со домашни акти и меѓународни инструменти, ИЈП Арбен Џафери поднесе нова претставка до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и се уште ја чека одлуката.

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер предвидува глоба од 250 евра за имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не овозможува пристап до информации од јавен карактер.

Бујар Османи, сега и како кандидат за претседател на државата, постојано повикува на транспарентност и скромност, дури изјавува дека доколку остане без плата макар еден месец, ќе биде принуден да позајмува пари за да преживее. Затоа јавно го прашуваме Бујар Османи:

  1. Каде остана транспарентноста кога седум пати по ред се прекршуваше законот, ризикувајќи и казни за институцијата поради криење на министерските трошоци?
  2. Дали овие прекршоци се направени затоа што Бујар Османи сака да ги држи подалеку од очите на јавноста неговите луксузни вкусови за патувања со приватен авион, хотели со пет ѕвездички во кои престојуваат шефовите на богатите земји како САД, Франција и Германија, ручеци и вечери во најпознатите ресторани на светските метрополи и многу други скандалозни трошоци за една сиромашна земја како што е нашата?
  3. Дали административниот молк е признавање на вината и потврда на постоечките сомневања на граѓаните за луксузниот живот на државните функционери?

Граѓаните немаат потреба да се хранат со форите дека министерот Османи едвај се крпи до крајот на месецот или со фотографии од сендвичи од виенскиот аеродром. Тие треба да видат точно како ги троши јавните пари министерот при вршење на неговата службена функција.

Министерот Османи, кој глуми деак е искрен, чесен и одговорен политичар, треба да биде свесен за своите привилегии. Со неговата плата од околу 3.000 евра не преживува, туку живее, па дури и многу достоинствено. Навредливо е за обичните граѓани на оваа држава кои живеат со мизерни плати да го слушаат кукањето на Бујар Османи дека едвај врзува крај со крај. Уште понавредливо е што министерот Османи ги држи во тајност своите службени трошоци, со што ја докажува народната поговорка ‘мала плата, голема заработувачка’.

Ја изразуваме нашата длабока огорченост од последователните прекршувања на законите од страна на Министерството за надворешни работи и ги повикуваме во најкраток можен рок да ги објават податоците што ги бараме. Нивното прикривање, освен што е прекршување на законот, уште повеќе ги зголемува сомнежите за популизам и измама од страна на нетранспарентниот министер Османи. Го повикуваме секое здружение и секој граѓанин да упати исто барање до Министерството за надворешни работи, бидејќи министерот Османи сега се стреми кон позицијата шеф на државата каде што доверливоста, интегритетот и транспарентноста се одлучувачки критериуми“, се вели во информацијата на Институт за јавни политики Арбен Џафери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ