среда, 11 декември 2024

Договорите за Коридорот 8 пред финансиските институции на ЕУ, а се бара и партнер за модернизирање на пругата на Коридор 10

Заклучоците за изградбата на пругата на Коридорот 8, спрема Бугарија, кои вчера беа договорени во Софија, се очекува за две недели да бидат официјализирани во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Во меѓувреме од владини извори се презентирани детали од дијалогот на високо ниво за пругата со Бугарија во Софија, во кои се потврдува дека се прифатени македонските аргументи за проектот и заклучено е третата секција од Коридорот 8, од Крива Паланка до границата да се видоимзмени, со тоа што Македонија да го гради делот до пред границата. Бугарската страна ќе треба да го изгради делот од три километри од нивна страна, додека тунелот ќе биде заеднички проектиран и тендериран. А делот на коридорот во Албанија, до Драч сè уште нема проект.

„Со тоа ќе се добие целина од Бургас до Куманово и Скопје, зашто за нас е важно да се вкрстат коридорите 8 и 10 кај нас и тоа ќе се случи. Има доцнење при изградбата на пругата, која е поделена во три дела: Куманово – Бељаовце, Бељаковце – Крива Паланка и третиот е од Крива Паланка до граница. Ако втората секција не се заврши, не може да се пристапи на реализација на третиот дел“, посочуваат од извори од Владата.

Информациите од теренот се дека се доцни изградбата на втората делница, каде досега се реализирани околу 20 отсто од работите. Како втора причина за доцнењето се посочува основата за сомневање за ангажираните подизведувачи, кои, како што се нагласува, не се случајно избрани. Поради овие две работи не може да се пристапи на третиот дел, од Крива Паланка до граница.

Според проекциите на македонската влада, втората делница треба да се заврши на крајот на 2026 година, но претпоставките се дека тоа ќе се случи многу подоцна. За доцнењето се плаќаат пенали, така што проектот ќе ја достигне вредноста до 200 милиони евра.

Министерството за транспорт денеска соопшти дека е договорено еден изведувач да го гради тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, да се ревидира цената и проектот за третата делница, а Бугарија да го заврши својот дел од пругата.

„Трите клучни аргументи на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски беа прифатени. Мора да има заеднички проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, понатаму Бугарија да го заврши својот дел од пругата и трето да се ревидира цената која е превисока, како и ревидиирање на самиот проект.  По проценката на ризиците, изградбата на тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е поефикасно да биде од еден изведувач“, соопшти Министерството.

На состанокот, од македонската страна било истакнато дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување и на овој проект се гледа како регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.

„ Од двете страни беше прифатено целиот проект во делот фаза 3 (делница Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан, од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција истата да се намали. Двете делегации, исто така се согласија да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од ЈП Железници Инфраструктура. Беше договорено двете земји да формираат работни групи, со цел да се подготви потребната документација за тунелот“, информира Министерството за транспорт.

За време на состанокот, како што соопштуваат, страните размениле информации, временски рамка за изградба, а споделиле и искуства во однос со техничките прашања за изградбата на Коридорот 8, а посебно во делот на процедурите за идното функционирање на прекуграничниот тунел „Деве Баир“.

Постигнатите договори ќе бидат презентираат пред одговорните финансиски институции на ЕУ.

Извори од Владата денеска иформираа дека се работи и на договор за изнаоѓање партнер за модернизирање на пругата долж Вардарската долина која би се користела за превоз на стока од пристаништата во Грција до Централна Европа.

Модернизирањето на пругата би било со финансирање со долг грејс-период, без обврска да се плаќаат камати во тој период. За тоа би се потпишал заем со една држава, која како што посочуваат истите извори не е Кина, Русија или Унгарија.

Истовремено се преговара и со друга компанија од Централна Европа за зголемување на бројот на композиции на возови, кои би превезувале од сегашните 120-130 илјади тони годишно милиони, што ќе значи дека и Македонски железници – Инфраструктура и транспорт ќе бидат многу профитабилни и ќе не мораат да земаат пари од Буџетот за плати.

Македонски железници транспорт ќе треба на јавен тендерт да изнајмат локомотиви, а потоа ќе се врши претовар од пристаништата во Грција, за да се превезува кон земјите во Европската Унија, што е дел од Планот за раст.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ