петок, 13 декември 2024

„Барометарот“ на Транспаренси интернешнл-Македонија измери повисок „коруптивен притисок“ во октомври

Барометарот на корупција за октомври 2024 година што ја спроведува Транспаренси интернешнл-Македонија како редовна месечна активност за следење случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, покажува дека повторно е поголем бројот на „матни“ од „бистри“ настани.

Објавено на

часот

Сподели

Во „бистри“ настани се наведени осомничените 16 службеници за примање поткуп, а двајца за злоупотреба на службената положба и овластување. Под раководство на предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, извршени биле претреси на 26 локации во Струмичко-гевгелискиот регион. При тоа, се посочува во соопштението од Транспаренси Интернешнл-Македонија, се лишени од слобода 14 царински службеници од Царинската управа на РСМ, еден пензиониран царински службеник и еден полициски службеник.

Поднесеното обвинение за проневера во службата во ЈСП Скопје, кривичната пријава за злоупотреба на службена положба за 12 полицајци и шест вработени во Државни патишта од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, како и настанот со странец осомничен за давање поткуп на Блаце, се регистрирани како „бистри“ настани во октомври.

Во „матните“ настани прво е препораката од Европската Комисија во годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија да се донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, откако измените од септември 2023 влијаеа негативно на борбата против корупцијата. Од ЕК забележуваат, се посочува во соопштението од Транспаренси интернешнл-Македонија, дека „измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво. Од ЕК препорачуваат и да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да се обезбедат човечки и финансиски ресурси на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, како и да се подобри проверката на имотните листови на избраните и именуваните функционери и надзорот над финансирањето на изборната кампања.

За октомври во „матните“ настани се најде и транспарентноста на Владата кога се во прашање советниците на премиерот. Владата, се вели во соопштението, мора да ги објави имињата, хонорарите и работните обврски на советниците на премиерот.

Според Транспаренси интернешнл-Македонија, загрижува одлуката за тајно гласање на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители за изборот на директор – Блупринт групата за реформи во правосудството изрази загриженост за одлуката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители да го изврши изборот на Директор на Академијата по пат на тајно гласање со можност за избор на повеќе кандидати, без притоа да даде соодветно објаснување зошто е неопходно гласањето да биде тајно.

„Матно“ е и разрешувањето на судијата Лазар Нанев, кој 97 пати се јавувал на обвинет во предмет што тој го судел. Судскиот совет на затворена седница за јавноста го разрешил судијата од кавадречкиот суд, Лазар Нанев, за 97-те јавувања во неколку дена на странка (обвинет), во предмет што го судел лично тој. „Матни“ се и неповолниот извештај од ДЗР за Министерството за култура: 318 милиони денари исплатени за културни проекти, без јасно дефинирани критериуми, неправилности во спроведување на пописот на залихите на лекови и матерјали на Онкологоја, како и управување со истите, но и застарувањето на третата затворска казна на поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“. На Груевски, се појаснува, му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година, како и девет години затвор за случајот „Плацови на Водно“, дело кое што му застарува во 2043 година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ