сабота, 19 октомври 2024

Иако расте бројот на жртви, САД и понатаму го вооружуваат Израел

Соочена со порастот на бројот на жртвите на офанзивата на Израел на југот на Газа американската администрација се обидува да изврши притисок врз својот сојузник да ги сведе на минимум цивилните жртви, но не презема мерки кои би можеле да го натераат да послуша, како закани со ограничување на воената помош.

Објавено на

часот

Сподели

Највисоките функционери на САД, вклучувајќи ги потпретседателката Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен, јавно го повикаа Израел да дејствува попрецизно  на југот за да избегне големи цивилни жртви какви што нанесоа неговите напади на северот.

Вашингтон засега исклучува ускратување на испораките на оружје или остро критикување на Израел како средства за промена на неговата тактика бидејќи Соединетите Американски Држави веруваат дека постоечката стратегија на приватно преговарање е ефикасна, изјавиле за Ројтерс двајца американски функционери.

„Мислиме дека она што го правиме делува на нив“, кажа висок американски функционер, наведувајќи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прво одбивал да дозволи влез на помошта во Газа а потоа дозволил 200 камиони дневно. Тој додал дека тој напредок е резултат на интензивната дипломатија, а не на закани.

Истиот извор кажал дека намалувањето на воената поддршка на Израел би носело големи ризици.

„Ако почнете да ја намалувате помошта за Израел, ќе почнете да охрабрувате други страни да влезат во конфликтот, ќе го ослабите ефектот на одвраќање и ќе ги охрабрите другите непријатели на Израел“, кажал тој.

Се чини дека на израелската влада не влијаат меѓународните барања да ја смени стратегијата.

„Мислам дека премиерот на чувствува никаков притисок и дека ќе направиме сè што е потребно за да ги оствариме нашите воени цели“, кажа за Ројтерс надворешнополитичкиот советник на Нетанјаху Офир Фалк минатата недела кога му беше поставено прашањето за меѓународниот притисок врз Израел.

Израел од САД добива3,8 милијарди долари воена помош годишно, од борбени авиони до силни бомби кои би можеле да ги уништат тунелите на Хамас, а администрацијата на Џо Бајден побара од Конгресот да одобри дополнителни 14 милијарди.

Таквата поддршка му дава на Вашингтон „значително влијание“ на начинот на водење на војната против Хамас, вели Сет Биндер од Проектот за демократија на Блискиот Исток.

„Ускратувањето одредени видови опрема или одложување на дополнувањето на залихите на различно оружје би ја приморало израелската влада да ги прилагоди стратегиите и тактиките“, кажа Биндер. „До денес администрацијата не покажа спремност да го искористи тоа влијание“.

Ројтерс наведува дека Бајден е под притисок поради претседателските избори во 2024 и дека каков било обид за намалување на помошта би можел да ја поткопа поддршката на демократскиот претседател меѓу произраелските независни гласачи.

Актуелниот претседател е и под притисок од фракцијата прогресивни демократи кои сакаат САД да одредат услови за воената помош за својот најблизок блискоисточен сојузник, и Бајден да ги поддржи повиците за итен прекин на огнот.

САД во вторникот почнаа да им воведуваат забрани за визи на лицата вмешани во насилствата на окупираниот Западен брег по неколкуте повици до Израел да направи повеќе за да го спречи насилството на еврејските доселеници над Палестинците кое порасна од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа пред два месеци.

Од Блискоисточната војна во 1967, Израел го окупира Западниот брег, кој Палестинците го сакаат како јадро на независната држава. Израел таму изгради еврејски населби кои повеќето земји ги сметаат за нелегални. Израел тоа го оспорува и наведува историски и библиски врски со таа територија.

Европската Унија би требало да го следи примерот на САД и да им воведе санкции на некои израелски доселеници поради нападите врз Палестинците на Западниот брег, изјави вчера висок функционер на Социјалдемократите (СПД) на германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Би било добро ЕУ да им се придружи на американските санкции против насилните доселеници“, кажа за Ројтерс Нилс Шмид, портпарол за надворешна политика на пратеничката група на СПД.

Портпаролот на германското министерство за надворешни работи кажа дека за санкциите против израелските доселеници вмешани во нападите врз Палестинците би требало понатаму да се расправа на ниво на ЕУ.

„Го поздравуваме фактот дека САД се исто толку јасни во својот став како и ние и дека сега ќе се преземат конкретни мерки во вид на ограничување на влегувањето“, кажа портпаролот.

Тој додаде дека насилството кое доселениците го извршиле над палестинските заедници на Западниот брег добило „такви алармантни размери“ во последните недели што многу семејства од страв ги напуштиле своите домови. „Тоа е апсолутно неприфатливо“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ