понеделник, 21 октомври 2024

Хамас подготвен за војување на улиците на Газа

Повеќе од една деценија, военото раководство на Израел неволно ја признава клучната карактеристика на своите непријатели во Газа: Хамас знае да ги чека своите пет минути.

Објавено на

часот

Сподели

„Пуштете го ѕверот да спие додека не бидете подготвени“, беше мантрата на Махмуд Ајрами, палестински борец-ветеран што обучуваше генерација милитанти од Газа, пишува Фајненшл тајмс.

Примери има многу. Во 2018 година Хамас објави фотографии од израелски војници на нишан на своите снајпери – не беше истрелан ни куршум, дури и кога Израелците пукаа врз демонстрантите на граничната ограда. На друго видео, екстремистите се прикажани како уништуваат воен автобус со проектил „корнет“ – но чекаа војниците да се разотидат, а возачот да замине на пауза за цигара.

Очигледната воздржаност Израел ја протолкува како знак дека Хамас е поколебан. Но, за Ајрами, оваа милитантна група само чекала да го вовлече Израел во кавгата во моментот што таа ќе го избере.

„Донесете ми го ѕверот и заедно ќе го убиеме“, им вети тој на борците пред својата вила во 2021 година, откако Хамас објави победа над Израел во 11-дневната војна, која вклучуваше жестока размена на палестински ракети и израелски бомби – но без копнени трупи.

Шкрапецот се случи на 7 октомври, кога борците на Хамас упаднаа во израелските градови и воени позиции, убивајќи повеќе од 1.400 луѓе и земајќи 230 заложници, што според израелските власти е најголемата загуба на животи во Израел од основањето на државата. Обемот на ужасот во тој напад го вовлече Израел во најголемата воена операција во Газа, со воздушни и артилериски напади беа срамнети со земја огромни делови од територијата, а според палестинските власти загинале над 9.000 луѓе.

Со технолошка супериорност и жестоко вооружување, Израел сега ја започна својата прва копнена офанзива во Газа по речиси една деценија. Од минатиот петок тенковите „меркава“ и војската влегоа во Појасот Газа. Нивната дестинација е градот Газа, срцето на политичката и оружена машина Хамас.

„Кога израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе влегуваат во градот Газа, Хамас ќе ја има предноста на домашниот терен – и тие се подготвени“, предупреди Девора Марголин од Институтот за блискоисточна политика во Вашингтон.

Уште во август, генерал-мајорот Јицак Брик, поранешен воен омбудсман, предупреди дека Израел „не е подготвен за војна“. Израелските војници не биле вклучени во голема копнена битка од 2014 година – кога Израел последен пат распореди војници во Газа – а највисоките воени претставници се фокусираа на потенцијалните закани од Иран, а не на територијата во непосредното соседство.

Во меѓувреме, Хамас стана воено посилен од 2008-9 година, кога за прв пат се соочи со израелски копнен напад, велат воените претставници и аналитичари.

Дури и тогаш, военото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, распореди 16.000 борци покрај 2.000 војници во единиците. Сега според ИДФ, Хамас има дури 40.000 елитни борци, голем арсенал беспилотни летала и околу 30.000 ракети. Од 7 октомври до петокот беа истрелани 8.500 ракети, исцрпувајќи ги интервентните израелски системи на „Железна купола“ до тој степен што САД мораа да испратат замени.

Емил Хокаем, директор за регионална безбедност на Меѓународниот институт за стратегиски студии во Лондон, рече дека Хамас бил обучен од „најдобрите во бизнисот“, мислејќи на елитната иранска Револуционерна гарда и нејзиниот најмоќен застапник, Хезболах во Либан. „Тоа е, исто така, организација што брзо учи и се бореше против израелските сили во неколку наврати“, рече Хокаем. Хасмас одлично го познава теренот и ќе го брани жестоко и лукаво“.

Неговите ловци за време на нападот на 7 октомври веќе покажаа дека можат да изведат добро координирана операција во која учествуваат најмалку 1.500 војници што го нападнаа Израел од копно, воздух и море, под заштита на 3.000 ракети, кои речиси го совладаа израелскиот систем за противвоздушна одбрана.

Во Газа, Хамас ископа огромна мрежа на длабоки тунели отпорни на воздушни бомбардирања и ги снабди со залихи за да издржат повеќемесечна израелска опсада.

„Ние се подготвувавме за израелска копнена офанзива уште пред да го извршиме нашиот напад“, изјави за Фајненшл тајмс минатата недела Али Барек, истакнат член на политичкото раководство на Хамас во егзил. „Имаме некои изненадувања за непријателот“, додаде тој. „Ќе ни биде полесно да се справиме со војување во градска средина отколку со воздушни напади – тоа не може да се споредува.“

Многу од воените лекции што Хамас ги научи од Хезболах произлегуваат од кобниот момент во 1992 година кога Израел во Либан депортира околу 400 Палестинци, вклучително и лидери на Хамас, и ги остави среде зима во планинска ничија земја.

Доминантно шиитските Иран и Хезболах тогаш добија можност да го привлечат сунитскиот Хамас, откако го негуваа палестинскиот Исламски џихад во Појасот Газа, помала милитантна група што исто така е вклучена во конфликтот. Израелските власти тврдат дека Хезболах го запознал Хамас со ракетна технологија, обука и други техники.

Бејрут оттогаш стана дом на неколку лидери на Хамас и, со текот на времето, Хамас почна да гради воено присуство во Либан – што се покажа и кога на крајот на 2021 година експлодираше складиште за оружје, за кое се верува дека му припаѓа на Хамас.

Оттогаш, Хамас полека го надградуваше квалитетот на своето вооружување, шверцувајќи компоненти за да ги претвори ракетите во оружје со прецизно наведување, па дури направи и подводен дрон.

Според Хамас, групата сега гради мутабар-1, противвоздушни ракети што се лансираат од рамо, за кои тврди дека можат да соборат израелски хеликоптери, и противтенковски ракети ал-јасин, за кои тврди дека можат да ја пробијат реактивната оклопна заштита на израелските тенкови. „меркава“.

Во меѓувреме, групата разви техника на урбано војување, водена од потребата да ѝ се спротивстави на технолошката и воздушната супериорност на Израел со тоа што ќе ја префрли борбата на улиците во градските средини.

„Хамас повеќе е Виетконг отколку ИСИС“, рече Хокаем, мислејќи на комунистичките борци што на крај ги поразија американските сили за време на војната во Виетнам и џихадистичката група што Израел ја споредува со Хамас.

Како што направи Виетконг во Виетнам, Хамас ја претвори Газа во тврдина од барикади и глувчји дупки – вклучително и 400-километарска мрежа од тунели во кои борците на Хамас можат да се засолнат за време на израелските воздушни напади и да ги користат за да ги нападнат израелските сили.

Како што израелските трупи ќе навлегуваат подлабоко во Газа, Хамас веројатно ќе се обиде да користи воздушни заседи, брзи напади и бомбардирања за да ја уништи израелската главно цивилна армија резервисти и да ги принуди на улични борби.

„Хамас нема доктрина во строга смисла на зборот. Нивниот пристап главно се заснова на нанесување што е можно поголема штета на Израелците, користејќи комбинација на хибридни и конвенционални сили“, рече Билал Сааб, соработник во институтот Чатам хаус во Лондон.

„Операциите исто така се во голема мера децентрализирани. Постои еден вид ќелиска воена структура, во која секоја чета работи самостојно“, рече тој.

Пропагандните операции на Хамас се уште една важна компонента. Соборените израелски хеликоптери, уништените тенкови или заробените војници ќе ѝ помогнат на милитантната група да проектира имиџ на победа, велат воените аналитичари.

Во исто време, ракетите истрелани од скриени фрлачи ќе го задржат конфликтот длабоко во израелската територија, поттикнувајќи ја базата за поддршка на Хамас – како кога меѓународниот аеродром Бен Гурион во Тел Авив беше затворен за време на 50-дневната војна во 2014 година.

Уште една лекција што Хамас ја научи од другите милитантни групи е важноста на безбедните комуникации. Додека Хезболах ја градеше својата оптичка мрежа, Хамас ја одржуваше оперативната безбедност така што се определи за „камена доба“ и жичени телефонски линии, избегнувајќи ги уредите што може да бидат хакирани или што емитуваат електронски потпис.

Една од причините зошто Израел не можеше да го предвиди нападот на 7 октомври е, според еден израелски функционер, тоа што тие прислушувале на „погрешни линии“. Во меѓувреме, клучните воени информации се разменувале или преку „аналогни“ системи, или преку други шифрирани системи, веројатно увезени од Иран, кои биле непознати за Израел.

Ова е технолошки трик што носи силно предупредување за израелски копнен напад. „Што друго криеле?“, рече израелскиот функционер. „Зарем не мислите дека и ние се прашуваме тоа?“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ