четврток, 21 ноември 2024
Народниот правобранител даде препораки обвинителите да се поажурни

Граѓаните се жалат кај омбудсманот дека долгите предистражни постапки на ОЈО Скопје ги застаруваат кривичните дела

Забелешките на граѓаните во однос на долготрајноста на предистражните постапки кои се водат пред Основните јавни обвинителства и неинформирањето, односно неизвестувањето за текот на постапката се причина поради која граѓаните да му се пожалат на народниот правобранител. Најголем број забелешки граѓаните имаат до Основното јавно обвинителство, а помалку кон Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје. Во 2023 година во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата поднесени се 63 претставки од кои најголем најголем број, односно 51 се на адреса на ОЈО.

Објавено на

часот

Сподели

Препораката од омбудсманот е дека сновните јавни обвинителства треба да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци и доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.

„Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е 24 помалку во однос на 2022 година. Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред Основното јавно обвинителството  односно 51, потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција и тоа 4, постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред Вишо јавно обвинителство 2 и во другите 2 и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Во претставките граѓаните изразуваа незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Забелешките на граѓаните во однос на долготрајноста на предистражните постапки кои се водат пред Основните јавни обвинителства и неинформирањето, односно неизвестувањето за текот на постапката се карактеристика и за овој извештаен период. Повторно, и за овој проблем најчестите претставки се однесуваат за Основното јавно обвинителството (ОЈО) Скопје“, се вели во Извештајот од народниот правобранител.

Во Законот за кривична постапка е утврдено дека јавниот обвинител треба да донесе одлука во рок од 3 месеци, и тоа наредба за спроведување на истражна постапка, обвинителен предлог во скратена постапка, предлог за издавање на казнен налог и решение за отфрлање кривична пријава. Доколку не одлучи по поднесената пријава е должен да го извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител.

Меѓутоа, велат од кај народниот правобранител, наспроти ваквата одредба, од постапувањето по поднесените претставки неспорно произлегува заклучокот дека пријавителите на кривични дела кои се и оштетени со кривично дело не добиваат информација, односно не се известуваат од страна на Основното јавно обвинителство по протекот на законски дадениот рок од 3 месеци од поднесувањето на кривичната пријава.

Народниот правобранител постапувајќи по претставките достави Препорака до Основното јавно обвинителство Скопје да се почитува дадениот законски рок во кој треба да се донесе јавно обвинителска одлука или пак, да се извести подносителот на пријавата и Вишиот јавен обвинител во случај на недонесување на одлука.

Народниот правобранител потсетува на обврската на обвинителот да се грижи за ефикасноста на постапката и да бара од останатите субјекти вклучени во постапката да постапуваат согласно наредбите во дадените рокови и следствено да преземе мерки спрема нив доколку не ги почитуваат 32 наредбите.

„До крајот на извештајната година од страна на Основното јавно обвинителство не е доставен одговор по однос на дадената препорака. Според народниот правобранител, непочитувањето на законските рокови во крајна линија може да значи и нестручно вршење на јавнообвинителската функција што е основа за поведување на дисциплинска постапка за јавниот обвинител, која може да резултира и со престанок на функцијата. Додека повисокиот јавен обвинител, има обврска по принципот на хиерархија да ја следи и оценува работата на пониските јавни обвинители. Во извештајната 2023 година, Народниот правобранител постапувајќи по претставка од граѓанин кој се пожали дека примил јавно обвинителска одлука насловена како „резолуција“ од Основно јавно обвинителство Скопје, и нема право на жалба до Вишо обвинителство, имајќи предвид дека јавнообвинителска одлука- Резолуција не е предвидена во Законот за кривична постапка на Република Северна Македонија, достави Укажување до Основното јавно обвинителство Скопје, и побара да се преземат дејствија за отстранување на констатираната повреда, на начин што до подносителот на претставката ќе достави јавнообвинителска одлука која ќе има право да ја обжали до Вишо јавно обвинителство“, се додава во Извештајот.

Во овој контекст, омбудсманот укажува на член 288 од Законот за кривична постапка, според кој, јавниот обвинител со решение ќе ја отфрли кривичната пријава ако од самата пријава произлегува дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност.

„Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот, со поука дека може во рок од осум дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител, а подносителот на пријавата се известува за причините за отфрлањето. Понатаму, во Законот е утврдено дека постапувајќи по жалбата, повисокиот јавен обвинител може со решение да го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава или жалбата да ја уважи и да го задолжи понискиот јавен обвинител да ја продолжи постапката. Исто така, и во член 57 став 1 точка 12 од Законот за кривична постапка утврдено е право на оштетениот/пријавител на кривично дело да изјави жалба до повисокиот јавен обвинител против одлуката на јавниот обвинител со која тој се откажува од кривично гонење, под условите предвидени со овој закон. Додека, со Уставот, во член 15 се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, како и правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државна управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Правото на жалба е загарантирано и во Европската конвенација за човекови права во член 13 ‘Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се нарушени, има право на жалба пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност’. И во врска со ова Укажување од страна на Основното јавно обвинителство Скопје не е доставено известување за преземените мерки“, пишува во овој документ.

Народниот правобранител препорачува  Основните јавни обвинители да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да го обжалат до повисоките јавни обвинителства.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ