Извршниот директор на БДУ – Германската асоцијација за менаџмент консалтинг, Каи Хаке, во изјава за медиумите истакна дека настанот се одржува за помагање на зачленувањето на Северна Македонија во Европската Унија, и дека се дојдени неколку консалтинг членови на Асоцијацијата за да ги покажат најдобрите практики и примери од Германија за локалните власти.
„Сега сме тука, и следните три дена нашите членови ќе ги покажат најдобрите практики и примери од секторите како што се ИТ, сообраќајот, мобилноста за да се види дали локалните авторитети имаат интерес за размена и преземање на најдобрите практики“, изјави Хаке.
Членот на Асоцијацијата, Мишел Хофнагел, поранешен градоначалник на Таунусштајн, рече дека за време на конференцијата ќе бидат претставени најчестите практики од Германија.
„Овде сме за да ги покажеме почестите практики кои ги извршуваме во врска со меѓуопштинските соработки и сето тоа што го правиме, како и за да разговараме со колегите градоначалници за тоа што можеме да направиме заедно“, рече Хофнагел.
Како области тој ги спомна јавниот сектор, градинките, социјалната едукација и наплатата на даноци и посочи дека меѓуопштинската соработка, економскиот развој, како и образованието можат да придонесат за овие добри практики.
Заменик амбасадорот на Германија во земјава, Ото Гарф, рече дека важно е како да се вклопи соработката во поголема европска рамка, односно каде што има можност за соработка помеѓу различни градови.
Шефот на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефан Худолин, во изјава за МИА истакна дека конференцијата е организирана за зголемување на вмрежувањето на општините со земјите членки.
„Во овој случај претставници од германската општинска поддршка неколку дена ќе ги посетат општините министерствата за да разговараат на потребите и ситуациите за како изгледа сето тоа на локално ниво. Ова е олеснато и од страна на една од нашите иницијативи што ги имаме во земјава поддржана од ЕУ којашто е насловена како „ЕУ за општините“, каде што осум проекти за осум општини во земјава добиваат техничка поддршка“, посочи Худолин.
Во однос на прашањето дали ќе се работи на развивањето на меѓуопштинската соработка и во другите сектори коишто имаат голем потенцијал во земјава, како што се земјоделството, сточарството и слично, тој одговори дека во конкретната конференција, потребата претставена од страна на самите општини не било во тие сектори и затоа овој пат се дојдени според потребите на овие општини кои ќе бидат посетени следните 2-3 дена, односно општините на Велес, Кавадарци и Охрид.
„Ова се разбира дека не ја отфрлува поддршката во земјоделството и другите сектори. Ако сме сега во оваа специфична програма, општините можат да се вклучат и во другите програми како што се ИПАРД, меѓуграничните соработки и да се искористат и другите можности. Многу е важно да се спомне дека општините сами по себе но и нивните граѓани треба сами да ги рефлектираат за нивните потреби и тогаш може да се најде заедничка најдобриот можен инструмент кој најмногу одговора“, посочи Худолин.
Учесници на конференцијата се градоначалници и раководители на сектори од дел од општините, менаџментите на општинските претпријатија, претставници на дел од министерствата и владините институции, како и тимовите за управување со проекти на проекти финансирани од ЕУ и други донатори.
Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека во текот на следните три дена германските експерти ги продолжуваат своите активности со работни состаноци во Скопје, како и одржување на локални работилници во општините Велес, Кавадарци и Охрид.