среда, 27 ноември 2024

Германија: Три лица загинаа во напад со нож, полицијата трага по напаѓачот (ВИДЕО)

Три лица загинаа, пет се тешко повредени синоќа во напад со нож во градот Солинген во западна Германија.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата презеде „голема операција за пронаоѓање на осомничениот, кој побегнал во метежот и паниката што настана по злосторството“. Според извештаите на медиумите, маж по случаен избор ги избодел минувачите на фестивалот на кој се прославува 650-годишнината од формирањето на градот.

Локалниот весник Солингер Тагеблат објави дека загинале три лица, најмалку девет се повредени, од кои неколку се во животна опасност.

По нападот, градот Солинген целосно ја откажа прославата на 650-годишнината. Настаните планирани за викендот исто така се откажани, соопштија од градот.

Инцидентот се случил на Фронхоф, пазар во центарот на градот, каде што била поставена музичка сцена. Билд пишува дека човекот по случаен избор ги избодел минувачите за време на фестивалот на годишнината на градот. Во нападот биле повредени и неколку лица. Очевидци за Билд изјавија дека напаѓачот изгледал како Арап.

Се претпоставува дека напаѓачот намерно ги прободел своите жртви во вратот, објавија германските медиуми. Началникот на полицијата Александар Креста рече дека во моментов се претпоставува дека се работи за еден сторител кој немал помошници.

На терен се и специјалните полициски единици од целиот регион Северна Рајна-Вестфалија. Солинген има околу 160.000 жители. Се наоѓа во близина на поголемите градови Келн и Дизелдорф во најнаселената германска провинција.

Градоначалникот на Солинген, Тим Курцбах, го изрази своето вознемирување по смртоносниот напад на фестивалот во градот. „Вечерва сите ние во Солинген сме во шок, ужас и голема тага“, напиша тој на Фејсбук страницата на градот.

„Сите сакавме заедно да ја прославиме годишнината на нашиот град, а сега мораме да ги оплакуваме загинатите и повредените“, рече тој. „Се молам за сите оние кои сѐ уште се борат за своите животи“, додаде Курцбах.

Премиерот на Северна Рајна-Вестфалија Хендрик Вуст изјави дека земјата е обединета во шок и тага по нападот во Солинген. „Во овие мрачни часови, срцата и умовите на луѓето од нашата држава и пошироко се во Солинген, каде што чин на брутално и бесмислено насилство ја погоди нашата земја“, напиша тој во објавата на Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ