По неколкудневно одложување на гласањето и интензивни преговори за да се избегне заканата од американско вето, Советот за безбедност на ОН вчера усвои ослабена резолуција со која се повикува на чекори за овозможување „безбеден, непречен и проширен хуманитарен пристап“ до Газа и „услови за одржлив крај“ на борбите.
Гилад Ердан, амбасадор на Израел во ОН, рече дека Советот за безбедност требало повеќе да се фокусира на ослободувањето на заложниците и дека фокусот на „механизмите за помош“ е непотребен бидејќи Израел дозволил „испорака на помош до степен што е неопходен“. Според израелските податоци, од почетокот на војната, во Газа влегле 5.405 камиони со помош со храна, вода и медицински материјали.
Соединетите Американски Држави и Израел, кои ветија дека ќе го искорени Хамас, се противат на прекинот на огнот и велат дека тоа ќе и дозволи на исламистичката милитантна група да се прегрупира и да се вооружи. Сепак, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден стана сè покритична за зголемениот број на жртви и хуманитарната криза додека Израел ја продолжува својата копнена и воздушна офанзива.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека од почетокот на војната досега се убиени повеќе од 20.000 Палестинци, а повеќе од 53.000 се ранети.