Американски ноти
„Со оглед на тоа што тој проект е во очигледен интерес на вашата земја и на регионот, ве охрабрувам вас и другите во вашата влада да извршите притисок врз лидерот на ХДЗ на Босна и Херцеговина Драган Човиќ да ја прекине својата опструкција во врска со тоа прашање“, наведува Блинкен во писмото до шефовите на дипломатијата во БиХ Елмедин Конаковиќ и во Хрватска Гордан Грлиќ Радман.
Блинкен тврди дека барањето на Човиќ да се формира посебна компанија со седиште во Мостар за реализација на изградбата на гасоводот низ БиХ претставува „дуплирање, економски е неодржливо и го загрозува целиот проект“.
„Вака евидентната корупција и спогодување би можеле да го загрозат патот на Босна и Херцеговина во Европската Унија“, наведува Блинкен.
Иако станува збор за веќе второ предупредување, со оглед на тоа што слично уште минатата година упати американскиот амбасадор во БиХ Мајкл Марфи, за Хрватите во БиХ оваа приказна, како што тврдат, е завршена. Претходно е формирано претпријатието „Гасовод јужна интерконекција“ со седиште во Посушје, но минатата година хрватските политички претставници во Парламентот на Федерацијата на БиХ вложија амандмани на Предлог-законот за гасоводот Јужна интерконекција на БиХ и Хрватска. Тие побараа зборовите „БХ-Гас д.о.о. Сараево“ да се заменат со зборовите „Јужна гасна интерконекција д.о.о. Мостар“, што значи дека сараевската компанија се исфрла од равенката на управување со целиот проект.
Предлогот не помина, а законот за Јужната интерконекција уште е во фиока. Блинкен во писмото побара од ентитетскиот парламент да се усвои закон во кој функцијата на гасен оператор ќе ја врши исклучиво компанијата БХ Гас. Човиќ тврди дека нема да се откаже и дека работата е јасна.
Санкции за Човиќ?
„Да се дозволи еден важен стратешки енергент како што е гасот да го управува некој друг со различни можни стратегии би било политички наивно. Јас не сум спремен да направам такво нешто. Не би сакал утре некој поради политичка криза да им го затвори гасот во Сараево на оние во Посушје“, рече Човиќ, реагирајќи на писмото на Блинкен кое, како што се наведува во дипломатските кругови, би можело да биде претходница на санкции за Драган Човиќ доколку барањата не се уважат.
Контролата на вентилите го загрижува и Сараево. Токму политичкото разидување беше проблем и во сите претходни случаи на снабдување на БиХ со гас, било да станува збор за рускиот гас кој преку Србија влегува во БиХ или за Јужната интерконекција.
„Писмото на Блинкен е последна опомена пред тоа што би можело да биде во смисла на реакција на американската администрација“, смета Алмир Беќаревиќ, специјалист во областа на енергетиката. Тој вели дека притисокот на Американците не го гледа како нивен финансиски интерес преку ЛНГ-терминалот на Крк да влезе во БиХ, туку исклучиво како алтернатива на рускиот гас.
„Тука се сака да се овозможи безбедност во снабдувањето на овој регион преку гасниот терминал на Крк, така да се добие можност за избор“, вели Беќаревиќ.
Еден добитник
Преминувањето на т.нар. течен гас во Европа, кој доаѓа од Америка, веќе значително ја зголеми неговата цена поради самиот начин на дистрибуција, укажуваат економистите. Откажувањето од рускиот гас им одговараше само на Американците, чијшто гас се транспортира, а потоа се претвора во понатамошната дистрибуција на ЛНГ-терминалите, што дополнително ја зголемува цената.
„Мораме да бидеме свесни дека нема алтернатива за снабдувањето со гас од Русија. Оваа алтернатива преку Америка не е исплатлива зашто се троши енергија за негово претворање, што е непотребен трошок. Овој начин на испорака може да се користи само во интервентни испораки. Секоја друга долгорочна дистрибуција е налудничава“, рече претходно за ДВ економистот Зоран Павловиќ.
„Снабдувањето со гас во БиХ се сведува на геополитичко прашање, односно на желбата на Западот БиХ да добие алтернативни извори“, оценува специјалистот за енергетика и член на Центарот за одржлива и енергетска транзиција РЕСЕТ Дамир Милјевиќ, поставувајќи го прашањето за чии интереси во вакви услови се градат гасоводи.
„Неверојатно е да се даваат пари за нешто што по 10 до 15 години ќе се исфрла од употреба со оглед на преминувањето на обновливи извори на енергија. Америка ја ’наговори’ Европа да премине на течен гас. Во оваа војна меѓу Русија и Украина единствен добитник се САД“, заклучува Милјевиќ.
Политички вентили
Во таквите услови и притисоци тешко дека БиХ ќе се „одбрани“, но сега само е прашање дали овој алтернативен тек на гасоводот ќе го водат Хрватите или веќе постојното претпријатие БХ Гас од Сараево.
Пред три години БиХ се префрли на гасоводот Русија-Турција-Бугарија и понатаму преку Србија, од каде што на една точка влегува во БиХ: Шепак кај Зворник. „Енергоинвест“ од Сараево е увозник на гасот за Федерацијата БиХ, а таа работа за Република Српска ја врши компанијата Гас-Рес од Бањалука. Компанијата Сараево-гас од Источно Сараево е сопственик на делот од гасоводот од 40 километри во РС, од кој со руски гас се снабдува најголемиот потрошувач – Сараево. Откако на крајот на декември истече договорот за снабдување, а стигна барање од РС за зголемување на цената на гасот за транспортот, се огласи директорот на Сараево-гас Недељко Елек.
„Тукушто ме повика претседателот на Република Српска Додик. Уважувајќи го барањето на претседателот, претпријатието Сараево-гас од Источно Сараево утре нема да им го исклучи гасот на комшиите. Среќна Нова година им посакуваме на Сарајлиите и на колективот од Источно Сараево“, наведе Елек во последниот ден од минатата година откако најави дека испораката би можела да биде запрена поради непотпишување на договорот.
„Тоа е оној проклет вентил, каде што луѓето ќе добијат некаква моќ со завртување на вентилот да се чувствуваат важни. И што се однесува на југот, тука е прашањето што сака некој да направи. Користа од копањето на 160 километри траса, а од друга страна е користењето на тој вентил, и се плашам дека некој прави амбиент вентилот да му користи за политички работи“, вели Беќаревиќ.
Европски параван
Писмото на Блинкен го доби и хрватскиот шеф на дипломатијата Гордан Грлиќ Радман (ХДЗ), кој во дипломатскиот одговор се обиде да го објасни значењето на Јужната интерконекција. Тој не гледал во Човиќ никаков проблем туку повтори дека Хрватскиот народен сабор, на чие чело е Човиќ, ја оцени стратешки мошне значајна изградбата на тој гасовод за европските интеграции.
„Наш активен став е да ги поттикнуваме сите актери од БиХ за изнаоѓање оптимално решение за остварување на проектот за Јужна гасна интерконекција“, рече Грлиќ Радман, коментирајќи го писмото на Блинкен.
„Што сакаат Американците, тешко е да се знае“, вели енергетскиот специјалист од Загреб Игор Деканиќ. Во вакви геополитички услови јасно е дека е важно и трговското, и геополитичкото влијание во сите енергетски инфраструктурни проекти.
„Веројатно Американците го сакаат тоа, но како тоа ќе заврши, зависи од условите на теренот. Никој на никој не може да му забрани основање компанија во пазарни услови. Но очигледно е дека се води битка за некои идни влијанија во гасната мрежа на целиот овој дел од Европа“, вели Деканиќ, наведувајќи дека на Американците им е приоритет Русите да се исфрлат од гасната равенка.
Додик покрај Човиќ
Што сакаат Американците, се прашува и претседателот на Република Српска Милорад Додик, кого го загрижи американското мешање во внатрешните работи на Босна и Херцеговина, но и притисоците врз неговиот коалициски партнер Драган Човиќ.
„Информацијата дека американскиот државен секретар му се обраќа на министерот за надворешни работи на БиХ и директно од него бара да ја обезбеди реализацијата на проектот за Јужна интерконекција, и тоа колку што можно побрзо, јасно покажува колку се агилни кога е во прашање нивниот интерес и дека вистинската смисла на целиот овој циркус со Кристијан Шмит е да биде нивен личен застапник и да овозможи преку него потполно да се завладеат ресурсите на БиХ“ наведе Додик, кој нема можност за директна блокада на законот за јужна интерконекција во Парламентот на Федерацијата, но преку другите прашања можни се условувања за време на преговорите за клучните реформски прашања на државно ниво.
За претставниците на Тројката работите се сосема јасни, особено по писмото на Блиннкен. Шефот на дипломатијата на БиХ Елмедин Конаковиќ (НиП) го поздравува интересот на американската администрација да се почне со реализација на Јужната гасна интерконекција.
„Тие (Американците) исто така се согласуваат со нас дека таа инфраструктура би требало да биде решена на ентитетско и на државно ниво, а никако да не се прават некои нови кантонални приказни“, рече Конаковиќ.
БиХ нема ниту складиште за гас
Претседателот на Хрватското здружение за гас Далибор Пудиќ вели дека решението на прашањето за Јужната интерконекција во БиХ би требало да биде работа на внатрешен договор во земјата.
„Не е спорно дека Хрватска има интерес гасот од ЛНГ-терминалот да дојде до БиХ, но во целиот овој процес би требало да се задоволени интересите на сите за да се овозможи алтернативна насока на гасоводот. Ако тоа биде досегашната компанија, во неа би требало да бидат вклучени сите страни“, смета Пудиќ.
БиХ и пред 15 години трошеше околу 400 милиони кубни метри гас. Денес околу 300 милиони – 250 Федерацијата на Босна и Херцеговина и околу 50 милиони пазарот на Република Српска. Интересно е дека БиХ нема ниту складиште за гас, а иницијативата за подземно складиште во Тузла е покрената пред 20 години. Меѓутоа, тоа никогаш не е реализирано. Според зборовите на експертите, исплатливоста на изградбата доаѓа дури тогаш кога увозот на гас ќе го надмине количеството од 500 милиони кубици годишно.