„НАТО и ЕУ мора да направат многу повеќе за да ја заштити оваа критична инфраструктура“, кажа Хаканен за Политико по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, додавајќи дека оваа тема била дел од расправата на состанокот.
Изјавата доаѓа откако финската компанија за мрежни услуги Циниа во понеделникот објави дека истражува оштетување на подводен интернет кабел кој ја поврзува Сантахамина, во близина на Хелсинки, со Росток во Германија. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус оштетувањето го нарече саботажа.
„Знаеме дека Русија има способности и волја да спроведува саботажи во Европа“, изјави Хаканен. „Нормално, ги истражуваме ваквите видови на оштетувања и од тој аспект, имајќи ја предвид можноста за саботажа. Бидејќи навистина е малку веројатно да станува збор за природна несреќа“.
Уште еден телекомуникациски кабел во Балтичко Море, меѓу Литванија и шведскиот остров Готланд, бил оштетен во неделата наутро, извести во понеделникот компанијата Телиа Лиетува, огранок на шведската компанија Телиа.
Хаканен ги опиша ваквите напади на критична инфраструктура во меѓународни води како нешто релативно ново, истакнувајќи дека е тешко да се спречат.
„Овие подводни кабли се веројатно најтешките делови од нашите општества за заштита кога се наоѓаат во меѓународни води, на морското дно. Затоа се и толкав предизвик за западните земји“, кажа тој.