четврток, 21 ноември 2024

Фајнанс тинк: Извештајот на ЕК воведува нагласен критички тон за однесувањето на фискалната политика и јавните финансии во претходната година

Извештајот за напредокот на Македонија што завчера го објави Европската Комисија (ЕК), дава реална слика за отсуството на напредок или за бавен напредок на повеќе критички реформски точки за македонската економија, оценуваат од невладината организација Фајнанс тинк (ФТ). Во коментар, на извештајот, ФТ се осврнува на неколку точки кои ги смета за критични во отстранувањето на структурните слабости на македонската економија.

Објавено на

часот

Сподели

За разлика од претходните извештаи, велат од Фајнанс тинк (ФТ) овој Извештај воведува нагласен критички тон за однесувањето на фискалната политика и јавните финансии во претходната година, и тоа на неколку пункта.

„Постоењето на фискалните ризици, во контекст на бавната и недоволна фискална консолидација, надополнета со преземените условни обврски и вонбуџетските позиции, кои заедно со достасаните а неизмирени обврски на државата создаваат голем (и често скриен) буџетски товар, кој може да предизвика значајни негативни последици за проширување на фискалниот дефицит и јавниот долг. Ова е особено важно во контекст на растечкиот јавен долг“, анализираат од ФТ.

Извештајот јасно го нагласува присутниот инфлациски ризик, велат од ФТ, од неусогласеноста на фискалната со монетарната политика во време на нагласени инфлациски притисоци и ризици во минатата година, односно експанзивноста на фискалната политика преку зголемувањето на платите на јавната администрација (септември 2023) и ад-хок зголемувањето на пензиите (септември 2024).

Извештајот, за разлика од минатата година, анализираат од Фајнанс тинк, го констатира постепеното повлекување од линеарните мерки за справување со последиците од енергетската криза (главно, ограничувањето на субвенционирањето на цената на електирчната енергија), што е во линија со забелешките и на оваа невладина организиација, а поради потребата прудентно да се управува со тенкиот фискален простор.

„Овие потези се во линија и со нашите укажувања според кои, од мерките наменети и за домаќинства и за компаниите, 88 отсто беа линеарни и претставуваа значајно искористување на фискалниот простор. Во таа насока, Извештајот го нагласува и постепеното намалување на регулираниот пазар на струја“, велат од ФТ.

Од ФТ оценуваат дека Извештајот на ЕК и понатаму укажува на недоволен напредок во справувањето со сивата економија.

„Укажуваме дека без видливи резултати на полето на сивата економија, наметнување нови и повисоки даноци ќе биде само во полза на зголемување на сивата економија. Оттука, во линија со заложбите на новата влада, борбата со сивата економија треба да добие централно место во проширувањето на даночната основа и создавањето поголеми буџетски приходи“, укажуваат од ФТ.

Оттаму наведуваат дека извештајот дава остра критика на управувањето со државната помош.

„Притоа, за првпат во овој Извештај посебен нагласок е ставен врз недоволните компетенции на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), што и Фајнанс тинк го нагласуваше повеќе пати во контекст на мерките за ограничување на цените и маржите наместо структурното зајакнување на Комисијата, која треба да се бори против здружувања на пазарот кои наметнуваат неконкурентски цени, посебно во сегментот храна и пијалоци. Дополнително, сврзано со државната помош, во извештајот се нагласуваат и недоволните критериуми за избор на корисници, и сèопштата недоволна транспаретност, како што покажуваат и наодите од нашата престојна Студија за политиките“, велат од ФТ.

Од Фајнанс тинк потенцираат дека во остатокот од економскиот дел, извештајот се фокусира врз потребата од структурни реформи за чие спроведување и резултати е потребен подолг рок, а тоа се областите на човечки капитал, физичка и енергетска инфраструктура и иновации, кои во најголем дел беа присутни и во претходните извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ