Зголемувањето на трошоците за храна, економската стагнација и падот на животниот стандард би можеле да ги турнат гласачите во рацете на крајната десница на европските избори подоцна оваа година, што дополнително може да ја разниша политичката агенда во Брисел, пишува АФП. Граѓаните на ЕУ се соочуваат со повеќекратни кризи. Додека економијата на Европската Унија се опоравуваше од пандемијата на коронавирус, Москва во 2022 година ја нападна Украина, принудувајќи ја Европа да бара нови извори на енергија.
Бензинот и струјата поскапеа, што им наштети на домаќинствата и компаниите. Во екот на растот на животните трошоци, европската крајна десница напредуваше. Џорџа Мелони победи на изборите во Италија во 2022 година, а Герт Вилдерс во Холандија минатата година.
„Постои корелација помеѓу подемот на популистичките сили и економската и финансиската криза. Денес радикалната десница значително го користи чувството на осиромашеност и многу силен песимизам кај гласачите“, вели Тиери Шопен, политиколог од Институтот Жак Делор.
Инфлацијата сепак паѓа, што им дава надеж на европските политичари дека економијата на ЕУ ќе се подобри по повеќе од една година без раст. Но подобрувањата ќе почнат да бидат видливи дури по летото, а не за време на изборите за Европскиот парламент низ цела ЕУ од 6 до 9 јуни.
Речиси тројца од четворица жители на ЕУ веруваат дека нивниот животен стандард ќе падне оваа година, додека речиси секој втор вели дека тој веќе е влошен, според истражувањето на Евробарометар на Европскиот парламент објавено во декември.
Околу 37 отсто од учесниците изјавиле дека имаат потешкотии да ги платат сметките. Затворањето на фабриките е сѐ почеста појава во автомобилската индустрија, особено во Германија. Помеѓу ноември и јануари, производителот на автоделови Бош соопшти дека укинува 2.700 работни места, додека ЗФ затвори фабрика во која беа вработени 700 луѓе, а Континентал соопшти дека ќе укине илјадници административни работни места.
„Германската индустрија е силно погодена од високите цени на енергијата и страда од електричната транзиција во автомобилската индустрија. Во моментов не гледаме пресврт во нарачките“, рече Шарлот де Монпелје, економист во ИНГ банк.
Германија е во рецесија од минатата година, а тоа ја погодува цела Европа. Потрошувачката сѐ уште е слаба поради високите цени. Рекордно високите каматни стапки на Европската централна банка за ограничување на инфлацијата им штетат на инвестициите и предизвикуваат застој на пазарот на недвижности.
Во меѓувреме, меѓународната трговија, притисната од забавувањето на Кина, не може да ја компензира слабата домашна побарувачка.
„Економијата на еврозоната стагнираше во (четвртиот квартал) и мислиме дека ќе стагнира во првата половина од оваа година, бидејќи ефектите од минатото монетарно стегање продолжуваат да се чувствуваат и фискалната политика станува сè порестриктивна“, рече Џек Ален-Рејнолдс од Капитал економикс.
Земјите-членки на ЕУ се ограничени и од правилата на ЕУ за јавната потрошувачка. Франција во февруари повторно го воведе данокот на струја, што предизвика зголемување од речиси 10 отсто. „Мерките за штедење може да турнат огромен број наши граѓани во рацете на крајната десница бидејќи се чувствуваат напуштено“, предупреди европратеникот Филип Ламберт.
Неколку истражувања покажуваат силен пораст на екстремнодесничарските партии што ѝ припаѓаат на групата Идентитет и демократија (ИД). Таа групација ги вклучува францускиот Национален собир на Марин ле Пен, германската партија АфД, белгискиот (фламански) Влаамс Беланг и австриската ФПО.
ИД би можела да стане третата по големина група во Европскиот парламент и да ја загрози либералната пратеничка група Да ја обновиме Европа, која има слична сила на една друга растечка радикална десничарска група – европските конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Во ЕЦР се партијата на Џорџа Мелони, полскиот ПиС, шпанскиот Вокс итн. „Големата коалиција“, во која се конзервативците од ЕПП, социјалдемократите и Да ја обновиме Европа „треба да остане мнозинство во Европскиот парламент, но несомнено ќе биде ослабена“, рече Шопен.
Според студијата на институтот Европски совет за надворешни односи, оваа коалиција оваа година би можела да освои 54 отсто од местата во Европскиот парламент, што е пад од сегашните 60 отсто. Екстремната десница веќе врши притисок врз институциите на ЕУ, на пример со поддршка на бунтот на земјоделците во последните неколку недели.
Доколку излезе посилна од изборите во јуни, екстремната десница најверојатно ќе бара построги миграциски политики и уште повеќе ќе го отежни донесувањето закони во одредени области како што е заштитата на животната средина. Екстремната десница, исто така, ќе се обиде да блокира поголема интеграција во ЕУ.