Десетте принципи се:
„Прво, мора да воспоставиме правда и правна држава. И тоа не само флоскуларно и декларативно како до сега, туку суштински преку лични примери и колективни откажувања од сите оние срамни кои решиле да се посрамотат себе и своите семејства и отидат на другата страна на законот. Незаконието не смее да биде поведението кое ќе се следи. Без оглед кој е и што е во оваа земја, или ќе е чесен граѓанин или ќе има одговорност и одговара за своите постапки. Без оглед дали е власт или опозиција.
Второ, мора да се прекине партизацијата на општеството, да не ги делиме луѓето од една или друга партија, туку на способни и помалку способни. Способните мора да напредуваат. Не смее партиската книшка да биде дозволата за напредок, туку дипломата и реалното знаење. Мора мерит системот да биде над се друго. Напредување врз основа на способности и компетенции. Вредните мора да добијат шанса, наместо оние кои со врски напредуваат.
Трето мораме да се оградиме и етничките конфликти и да ги изолираме елементите кои создаваат меѓуетничко неединство. Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат, за сметка на колективниот. Колку само отсутно звучи кога некој ќе побара дводомност, а во Липково и Тетовско нема вода за пиење. Јас сакам решенија за личните проблеми на народот а не решенија за личните интереси на малите групи политичари кои ја злоупотребуваат колективната мака на народот, изјави тој и додаде дека мора да се подобри стандардот а граѓаните, односно економијата да е фокусот и полето на натпревар.
Четврто, да го заштитиме и подобриме стандардот на граѓаните. Економијата да е фокусот и полето на натпревар. А тоа ќе го постигнеме преку работа, и само работа.
Петто, мора да создадеме праведно општество. Јас ги разбирам и критиките на поединците и компаниите чии маржи ги ограничивме за набавка на школски прибор како дел од мерката ПОМАЛКУ ТРОШОЦИ, ПОВЕЌЕ ЗА ТЕБЕ, но да го објавам и списокот на маржи од кои боли глава и каде ќе видите дека некој дебело заработува врз осиромашениот народ. Ја почитувам слободната економија и се борам за тоа, но народот не е наивен и не треба низ плаштот на слободна економија, а во суштина создавање на монопол или дуопол дебело да се полнат приватните џебови.
Шесто, мора образованието да е билетот за успех и сите сили да ги вложиме во тоа. Нашите луѓе низ светот постигнуваат извонредни резултати, а дома факултети во некои сомнителни објекти штампаат дипломи. И сето ова ќе биде испитано. Образованието е силата која може да не избави од сиромаштијата и да не придвижи напред и во економијата и во технологијата.
Седмо, мораме да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел а тоа е членството во Европската Унија. Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како Влада и општество не смееме да отстапиме од Европскиот пат. Но, воедно мора се знае горкото чувство кое го има секој наш човек дека предолго чекаме пред вратите на Унијата, а вербата во таквата иднина е напаѓана со безброј политички препреки, наместо суштински и системски критериуми кои ќе го направат животот подобар.
Затоа денес секој македонски граѓанин има грутка во грлото од премногу постапки и штетни договори. Спремен сум да разговарам за секое прашање, но не сум спремен за секоја отстапка по секоја цена. Дајте да направиме големи чекори и да градиме вистински процес на напредок.
Осмиот принцип, е единството. Можеме и природно да имаме различни мислења, ставови, но за државните прашања, и темите од заеднички интерес мораме да покажеме единство. Може да се делиме, но македонскиот сон мора сите заедно да го отсонуваме и за него сите заедно да победиме. Да не се делиме за крупните прашања, да не го пропуштаме времето на кавги, за сметка на напредок. Внатре дома ќе дебатираме за сите прашања, но надвор мораме да бидеме единствени. Тоа мора да биде нашата сила.
Деветто, мораме да се бориме против иселувањето. Премногу добри луѓе се иселија во потрага за подобар живот. И премногу светилки се изгасија. Нема луѓе за работа. Погледнете ги полињата, период е на гроздобер, тие се полни со многу возрасни луѓе и по некој млад човек кој не сака да ги разочара родителите. Врз нивни плеќи се крепат основите на она во што веруваме. Но генерално младите луѓе си одат. И тоа е поразително. Мораме да ги задржиме со подобри услови за живот и шанса за младите кои мора да бидат движечка сила.
Десетто, мораме да издвојуваме и веруваме во идеолошки битки. Нашата, мојата е заедничкиот патриотизам, кој треба да не обедини. Тој не е ништо друго туку заедничко верување и заедничка борба за иднината во државата. Тој треба да не обедини сите, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати под македонското сонце. Не да се радуваме на мали искри, туку заеднички за големи победи и големи чекори напред. Премногу е пропуштено и треба многу да се направи“.