среда, 27 ноември 2024

Дел од Израелците се лути поради примирјето со Хезболах. „Не сме безбедни се додека постојат тие села“

Прекинот на огнот меѓу Израел и либанската милиција Хезболах стапи на сила рано утринава, но му претходеа силни експлозии во областа Бејрут се до почетокот на примирјето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претстави договор за прекин на огнот во контекст на, како што ги нарече, „невидените достигнувања“ на Израел во изминатата година во војната на седум фронтови. Тој рече дека Израел го вратил Хезболах „десетици години“ наназад и дека тоа не е истата група како порано.

Тој ја нагласи силата на Израел во извршувањето на она што верува дека треба да се направи – во Газа, Либан и на други места – и покрај меѓународното противење.

Тој понуди оправдување за прекинот на огнот – тоа ќе му овозможи на Израел „да се концентрира на иранската закана“, рече Нетанјаху, нагласувајќи дека неговата земја ќе ја задржи целосната слобода да се спротивстави на секоја нова закана од Хезболах.

Израелската војска во вторникот објави дека за 24 часа погодила 180 цели во Либан. На израелската страна на границата постојано имало предупредувања за ракетни баражни напади и напади со беспилотни летала од Либан. Ниту една страна не сака овој договор за прекин на огнот да се гледа како предавство.

Но, предавство е токму она за што неговите политички ривали – и некои од неговите политички сојузници – го обвинуваат Нетанјаху, пишува Би-би-си.

Една анкета покажа дека повеќе од 80% од базата за поддршка на Нетанјаху се противи на договорот, а жителите на северен Израел – од кои многумина се евакуирани од своите домови – исто така се лути.

Сепак, на национално ниво сликата беше поподелена. Една анкета покажа дека 37% од Израелците се за прекин на огнот, 32% биле против, а 31% рекле дека не знаат.

Шели, професорка по англиски јазик во Шломи, изјави за Би-би-си дека прекинот на огнот е „неодговорна и избрзана политичка одлука“.

Рона Валенси, која беше евакуирана од кибуц Кфар Гилади на 8 октомври минатата година, рече дека сака да си оди дома и дека е потребен прекин на огнот, но идејата дека либанските жители ќе се вратат во своите села ја тера да чувствува „непријатност и страв“.

Од Кфар Гилади има јасен поглед на либанското село Одајсех од другата страна на долината.

„Единствено на што можам да се надевам е дека Хезболах нема да се инфилтрира во овие села и да изгради нова мрежа“, рече Рона. „Би се чувствувала безбедно само ако тие села се целосно избришани и нема луѓе таму. На овој начин имаме само надеж“, вели таа.

Нејзиниот сопруг Он вели дека клучот за безбедноста не лежи во условите на прекинот на огнот, туку во тоа што луѓето „повторно разбираат каде живееме; разбирање на некои работи што многумина од нас ги заборавиле“.

Тој рече дека не ѝ верува ни на либанската војска, ни на Американците дека ќе ја вратат безбедноста долж границата.

„Имам доверба само во нашата војска. Мислам дека ќе биде многу, многу тешко да се вратат граѓаните ако војската не е таму“, рече тој.

Оваа војна му донесе многу воени достигнувања на Израел – Хезболах ослабе, неговиот арсенал и инфраструктура се исцрпени, а солидарноста со Хамас е нарушена.

Но, израелските вооружени сили се уморни, израелската економија страда, а десетици илјади жители се раселени.

Сепак, многумина овде го повикуваат Бенјамин Нетанјаху да ја продолжи војната во Либан – прашувајќи се зошто премиерот кој вети дека ќе продолжи да се бори во Газа до „тотална победа“ потпишува прекин на огнот на северот?

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ