недела, 20 октомври 2024

Дали политиката ќе ѝ пресуди на врховната судијка Адеми?

Објавено на

часот

Сподели

Висок владин и партиски функционер на ДУИ и висок партиски функционер на СДСМ се двајцата политичари кои се обиделе да извршат влијание, судијката  Беса Адеми да биде разрешена од функцијата претседателка на Врховниот суд, дознава МКД.мк од судски извори.

Недоаѓањето на седници, главна причина за барањето за разрешување

Според нашите извори, на партиите од власта не им се допаднало тоа што Адеми јавно призна дека политиката „секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини“ и дека „секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести“

„Всушност, гарантирам дека овој состав на судии не им е вазал на ниту една од политичките партии, туку му служи на законот и на етичките начела“, изјави во интервју за СДК.мк, Адеми на почетокот на овој месец.

Ваквите информации на МКД.мк се совпаднаа со информацијата дека член на Судскиот совет кој е избран од пратениците од владеачкото мнозинство поднел иницијатива за разрешување на Адеми.

Од Врховниот суд велат дека за иницијативата дознале од медиумите и дека, ако истата постои, претседателката Беса Адеми не добила никакво известување од Судскиот совет за нејзино евентуално разрешување.

Сепак нашите извори велат дека причина за оваа иницијатива било тоа што Адеми не доаѓала на седниците на Судскиот совет иако како член на советот по функција таа треба да присуствува на истите.

„Претседателката Адеми присуствува на седниците тогаш кога ќе оцени дека станува збор за важно правно прашање за кое треба да се дискутира. Се случува во поканите за седници дел од материјалите воопшто и да не ѝ бидат доставени“, велат од  Врховниот суд за МКД.мк.

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев не потврдува, ама и не демантира дека иницијатива за разрешување на Адеми постои и дека недоаѓањето на седниците е причина за ваквата иницијатива со образожение дека ваквите постапки се тајни.

За една година Судскиот совет два пати го смени мислењето затоа што ова не е прва иницијатива за утврдување одговорност против Адеми. Минатата година во декември, Судскиот совет веќе расправаше по покрената постапка, но одлучи истата да се прекине и да се отфрли како неоснована.

„Донесена е одлука постапката по едно барање за утврдување одговорност на судија/претседател на суд е запрена“, информираше тогаш Судскиот совет.

Сѐ почна со признанието на Адеми за политичките притисоци

Несогласувањата помеѓу претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и Судскиот совет излегоа на виделина кога на почетокот на овој месец, Адеми изјави дека „вмешувањето на политиката во судството е присутна појава која ја нарушува неговата независност“ како и тоа дека „постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт“. 

По ова, Судскиот совет испратил писмена покана до Адеми во својство на член на советот по службена должност да дојде на седница на која ќе каже за какви притисоци станува збор и кој ги врши тие притисоци.

Три дена подоцна Адеми не се појави во Судскиот совет со образложение дека советот првин треба да каже кој вршел притисок врз членовите на ова судско тело, Павлина Црвенкоска и Весна Дамева, а потоа неа да ја повикуваат на „сослушување за дадено интервју“.

Во меѓувреме, МКД.мк објави дека владеачката партија ДУИ врши жесток притисок врз судиите Албанци да гласаат за донесување на начелно правно мислење со кое ќе одлучат дека аболицијата на претседателот Иванов е законска.

„Судиите Албанци се под притисок да гласаат за начелно правно мислење за аболицијата, различно од тоа што го гласаа во случајот Транспортер. Целата на ова мислење е да важи за предметот Тенк што е и најголем проблем за Груевски. Другите предмети се опфатени со измените на Кривичниот законик со што тие или целосно или делумно ќе застарат. А за случајот Шамарите во Центар, Груевски ќе бара повторување на постапката затоа што е осуден во негово отсуство. Случајот Плацевите на Водно и онака е пред Врховниот суд поради жалба на осудените. И во овој случај се врши притисок врз судиите истиот да биде вратен на повторно судење затоа што во второстепената постапка обвинетите во овој случај беа осудени на девет години затвор. Кога сѐ ова ќе заврши Груевски ќе може да се врати назад. Таков е планот“, кажаа тогаш судски извори за МКД.мк.

Проектот враќање на Груевски е поврзан со претстојните избори, негово вмешување, намалување на влијанието на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, паѓање на рејтингот на партијата и спасување на владеачката коалиција СДСМ-ДУИ.

Во последниот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија кон ЕУ, Врховниот суд доби позитивна оцена од ЕК.

Ништо подобри не се односите ниту помеѓу Судскиот совет и министерот за правда Кренар Лога, кој исто како и Адеми е член на советот по функција. Веќе извесен приод, советот и Лога комуницираат само преку медиумите.

                                                                                                                             Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ