Во изјавата што по настанот ја сподели тимот на „Солуција“, Димитров меѓу другото вели дека „сите заедно нѐ здружува сонот за здрава, функционална и средена држава, како и дека е голема дилема дали некогаш нашата Македонија била во полоша ситуација“.
„Мислам дека ни треба една дебела јасна линија каде завршува државата, каде почнува партијата. Мислам дека ни треба нов општествен договор, школството, и здравството, и администрацијата да не зависат од тоа кој ќе победи на избори“, рече Димитров.
Тој посочува дека неговото разбирање за политиката не се само партиите или не се само избори, како и дека чувствува голема должност да биде дел од иницијативата која што ќе создаде граѓанска платформа што ќе турка кон мерит систем и кон професионализам.
Како што пишува на официјалната фејсбук страна на „Солуција“, мисијата на оваа невладина организација е посветена на справување со корупцијата, клиентелизмот и поларизацијата на општеството, унапредување на општествената дебата, облагородување на јавниот наратив и културата на дијалог; креирање и поддршка на конструктивни решенија во политиката, економијата, правдата, животната средина, надворешните работи, мирното решавање на меѓународните спорови; унапредување на демократијата, заштита на човековите слободи и права, почитување на достоинството на човекот и развој на либералните политики.