четврток, 21 ноември 2024

ЦУК: Девет пожарникари дежураат пред опожарената зграда во скопски Чаир

Во последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) се наведува дека во последното деноноќие имало 1 743 повици на бројот за итни случаи 112 и 11 пожари на отворено на територија на цела држава, кои се изгаснати.

Објавено на

часот

Сподели

Од ЦУК потсетуваат дека пожарот во магацинот во подрумските простории во зграда на улицата „Прохор Пчински“ бр.136 во скопската општина Чаир е изгаснат вчера, во 9:30 часот,  но превентивно сè уште на терен дежураат девет пожарникари со три противпожарни возила.

“Причините за пожарот и висината на направената материјална штета ќе бидат дополнително утврдени“, се наведува во соопштението.

Од 1 743 повици, „реални“ биле 61,04 отсто, а 38,96 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 63,04 отсто, кон итната медицинска помош 25,36 отсто, а кон пожарникарите 8,33 отсто од реалните повици кон 112.

Поради заштита од евентуални поплави, РЦУК Прилеп известува дека во текот на вчерашниот ден е одржан превентивен координативен состанок во Општина Прилеп за евентуалните опасности од поплави и за претстојниот зимски период. На состанокот покрај претставници од РЦУК Прилеп и ДЗС Прилеп, имало и претставници од општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Присуствувале и претставници од АД „Водостопанство“, јавните претпријатија, Инспекторот за води и останатите надлежни служби и дејности.

„Донесени се заклучоци со кои се задолжуваат трите општини (за во урбаните средини) и АД Водостопансто – „Прилепско Поле“ (за надвор од населените места), согласно нивните надлежности, да извршат чистење на коритата и санација на критичните точки од реките и каналите, а јавните претпријатија да извршат проверка и чистење на атмосферската канализациска мрежа. Констатирано е дека моменталната состојба со водотеците е добра на територија на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, односно нивоата на реките се под просекот, а вештачка акумулација „Прилеп“ е празна и има можност за акумулирање на околу 6.000.000 метри кубни вода“, се вели во редовното соопштение од ЦУК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ