среда, 27 ноември 2024

Цивилите бегаат од рускиот напредок во близина на Покровск во источна Украина

Цивилите денеска бегаа од напредувањето на руските војници во правец на Покровск, важен логистички центар на истокот на Украина до кој руските сили сè уште се приближуваат, и покрај украинската офанзива во рускиот пограничен регион Курск.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Руската армија во последните недели окупираше село по село во тој сектор на фронтот и сега е десет километри од Покровск, град со околу 53.000 жители од кој украинските власти побараа итна евакуација.

Франс прес ги пренесува зборовите на Максим, 40-годишен рудар кој рекол дека ситуацијата е многу напната и дека од час во час се влошува, дека неговата осумкатница била погодена кога пеш се враќал дома и дека решил да го напушти градот бидејќи „животот е поважен“.

Во понеделникот, регионалните власти наредија принудна евакуација на семејствата со деца од Покровск, град кој се наоѓа на патот што води кон украинските упоришта Часов Јар и Костјантинивик.

Во продолжение на напредувањето на тој фронт, руската армија денеска соопшти дека зазела уште едно село во тој сектор, селото Желане, кое се наоѓа на дваесетина километри источно од Покровск.

Вчера беше објавено дека е заземено селото Њујорк на истокот од Украина, што е многу симболична победа со оглед на името на селото. Но, Русија, исто така, вели дека оваа локација е важна логистичка платформа за украинските војници околу Торечко.

Сепак, украинските војници и блогери денеска тврдат дека дел од селото Њујорк сè уште е под контрола на украинските сили.

Украинската воена офанзива започната на 6 август во рускиот регион Курск привлекува големо внимание бидејќи ги пренесува непријателствата на теренот на напаѓачите, но епицентарот на конфликтот останува украинскиот индустриски регион Донбас на исток, каде што руските војници имаат предност бидејќи се подобро опремени и побројни.

Во Курскиот регион, украинската армија синоќа соопшти дека контролира 1.263 квадратни километри и 93 места, што е нешто повеќе од претходниот ден. Нивниот најголем успех досега е заземањето на градот Суѓа, кој се наоѓа на осум километри од границата со Украина. Пред војната, во тоа место живееле 5.500 луѓе.

„Украинските вооружени сили напредуваа меѓу 28 и 35 километри на непријателска територија“, изјави нивниот командант Олександер Сирски.

Според украинските власти, оваа операција треба да создаде тампон зона на руска територија, да одговори на бомбардирањата, да ја принуди Москва да ги пресели своите сили во областа од други сектори на фронтот или да биде влог во некои можни „рамноправни“ мировни преговори.

Сепак, се чини дека украинската офанзива во областа Курск не го намали рускиот притисок врз Покровск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ