петок, 13 декември 2024

Судскиот совет усвои одлуки за престанок на функциите на 11 судии-поротници

Судскиот совет на РСМ, на денешната 503-та седница ги усвои одлуките на 11 судии- поротници во Основниот кривичен суд – Скопје да им престанат функциите.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на Советот, Весна Дамева нагласи дека на десетмина судии поротници законски им истекол мандатот за што е добиено известување од претседателот на Судот, а еден судија поротник поднел лично барање за престанок на функцијата.

На седницата беше разгледан и извештајот од спроведеното вонредно оценување на судиите, односно претседателите на судовите кои се кандидати за членови на Судскиот совет.

„ Објавен е оглас за избор на членови на Судскиот совет, и тоа еден член од редот на судиите од Апелационото подрачје – Штип и еден член од редот на судиите припадници на заедницата која е повеќе од 20 проценти од населението во Македонија од сите запишани судии во судскиот изборен именик. Помеѓу другите услови, за избор на член на Советот од Законот за судскиот совет е предвидено судиите да имаат позитивна оценка во работењето во вршење на судиската функција. Со оглед дека последното редовно оценување беше спроведено во периодот 2018/2022 година, неопходна беше потребата од вонредно оценување на кандидатите за што беше формирана комисија од редовите на членовите на Судскиот совет, како и комисии за увид и оцена на судии’, истакна Дамева.

Најмногу време на денешната седница, Судскиот совет потроши на разгледувањето на добиените над педесетина претставки за работата на судиите и судовите во државата, при што најголем дел од нив беа одбиени како неосновани или, пак, Советот оцени дека не е надлежен за донесување одлука.

Членовите на Судскиот совет го усвоија и барањето за надомест на патните трошоци на судијка од Основниот суд во Штип, која со решение на Советот времено е упатена на работа во Основниот суд во Берово.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ