Во објавено видео на т.н. „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“ и се додава дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, па затоа морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките власти дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
На влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.
„Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците“, пишува на плакатот.
Од Министерството за надворешни работи го потврдија инцидентот.
„Синоќа во Солун, за време на изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување се обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале. Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот“, велат од МНР.
Оттаму нагласуваат дека за инцидентот се известени и Генералниот конзулат на Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапиле во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи.
Вчера во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата, Грција да ги преземе сите мерки за откривање и процесирање на сторителите.
Златна зора како политичка партија во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација и нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски беше свечено отворена во петокот во Солун.