недела, 8 септември 2024

Членките на Г20 се обврзаа на соработка околу оданочувањето на супер богатите, но не се сложија околу „светски данок“

Земјите членки на Г20 се обврзаа дека ќе соработуваат на тоа повеќе да се даночат супер богатите, во име на борбата против нееднаквоста, но не успеаја да се сложат околу воведувањето „светски данок“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таа тема беше една од главните на дводневниот состанок на министрите за финансии на таа група во Рио де Жанеиро, која ја формираат 19 најголеми светски економии, Европската Унија и Африканската унија.

Состанокот завршен вчера требаше да го подготви самитот на шефовите на државите и владите на Г20 предвиден за 18 и 19 ноември, исто така во Рио.

Идејата која ја промовира Луис Инасио Лула да Силва, левичарскиот претседател на Бразил, земјата претседавач со Г20 оваа година, за создавање минимална такса за најбогатите, не е прифатена со консензус, но е постигнат компромис сите членки да поттикнат поголемо оданочување.

„Со целосно почитување на фискалниот суверенитет настојуваме да соработуваме на тој начин најбогатите лица да бидат ефикасно оданочувани“, кажа Лула да Силва во декларацијата за „меѓународна фискална соработка“ издадена на крајот на состанокот.

Во текстот се истакнува дека нееднаквоста во богатството и приходите ги загрозува економскиот раст и социјалната кохезија и се зголемуваат социјално чувствителните групи, а дека членките се залагаат за ефикасна, чесна и прогресивна фискална политика.

Покрај Бразил оданочувањето на супер богатите го поддржуваат Франција, Јужна Африка, Шпанија и Африканската унија.

Соединетите Американски Држави ги отфрлија меѓународните преговори на таа тема и иако ја поддржуваат идејата дека најбогатите треба да платат праведен дел, сметаат дека даночните прашања се проблем на секоја земја за себе.

Бразилскиот министер за финансии Фернандо Асад сепак изрази задоволство од постигнатиот резултат.

„Од морален аспект важно е тоа што дваесетте најбогати земји сметаат дека имаме проблем, а тоа е дека имаме прогресивна фискална политика применета на сиромашните, а не на богатите“, кажа тој на завршната прес-конференција.

Генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева, која присуствуваше на состаноците во Рио, го поздрави ставот на Г20 во прилог на „фискалната правда“ и оцени дека одлуката да се соработува на оданочување на најбогатите е добредојдена.

Во декларацијата објавена вчера се зборува за размените на добра пракса и концепциите на механизмот за борба против затајување данок, за да се придвижи меѓународна соработка по тоа прашање.

„Сега е времето да се оди понатаму“, кажа американскиот нобеловец за економија Џозеф Штиглиц и ги повика шефовите на државите и владите до ноември да дадат одобрување за воведување минимални координирани норми околу ова прашање.

Додека Г20 е блокиран од поделбите меѓу западните земји и Русија, која е исто така членка на групата, од почетокот на конфликтот во Украина, но и околу израелската војна во Газа, составувањето заедничко соопштение остана голем предизвик.

Бразил ја заобиколи таа пречка со издавање три различни текста, соопштение за даноците, малку пошироко финално соопштение, и документ кој посебно го објави бразилското претседателство.

Некои членки на Г30 исто така го поздравиле „консензусот“ околу иницирањето на светски сојуз во борба против гладот и сиромаштијата од страна на Лула, и инсистирале на тоа да се влезе и во борба против климатските промени и еколошките кризи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ