среда, 9 октомври 2024

Со хор кој испеа негова песна и аплауз во Чачак погребан легендарниот Бора Чорба

Легендарниот рок пејач и поет, основачот и фронтмен на Рибља чорба и текстописец на песните на групата, Борисав Ѓорчевиќ – Бора Чорба, е погребан денеска во родниот Чачак. Беше испратен со неговата најтажна песна „Погледни го својот дом, ангеле“. Тој почина во клиничката болница во Љубљана од тешко воспаление на белите дробови. Две години претходно, преку една своја песна, Бора Чорба порача да биде погребан во Чачак, а срцето да му го остават во Љубљана, каде живееше последниве години во својот трет брак со Дубравка Милаковиќ.

Објавено на

часот

Сподели

По опелото во црква, хорот на гимназијата во Чачак ја испеа „Погледни го својот дом, ангеле“. Огромна беше колоната граѓани кои го испраќаа Бора Чорба. Ја предводеа членовите на Рибља чорба, неговата сопруга Дубравка и двете деца Борис и Тамара. На погребот присуствува голем број музичари, пријатели и колеги, јавни личности и граѓани. Имаше и колона моторџии. Делегација на фудбалскиот клуб „Црвена звезда“, чиј навивач беше рокерот. На крајот Бора Чорба доби петминутен аплауз. Неговите фанови ја запеаја „Рамнодушен кон плачот“.

Борисав Ѓорѓевиќ е роден во Чачак во 1952 година. Како средношколец поради поведението бил исклучен од гимназијата, по што неговите родители решиле да се преселат во Белград, каде ја завршил гимназијата. Запишал Правен факултет, на втора година се откажал од тие студии со цел да се запише на Филмска и драмска уметност, но никогаш не го примиле, па решил да запише Организација на истиот факултет.

Со музиката се бавел од средношколски денови, кога во Чачак бил член на некои бендови, а во Белград потоа бил член на Рани мраз и Сунцокрет. Рибља чорба ја основал во 1978 година и гради блескава кариера пронижана во 20 студиски албуми и 8 албуми снимени во живо. Одржал безброј концерти пред многуилјанда публика речиси во сите градови па и села од поранешна Југославија, но концерти имал и во странство. Автор е и на збирки поезија карактеристични по хумористично-сатиричните стихови. Автор е и на текстови за повеќе пејачки ѕвезди од поранешна Југославија.

Беше и контроверзна личност, рокер често пати во судир со власта поради свои настапи, стихови, изјави. Во еден период заплива и во водите на национализмот и политиката, а во последните децении се тргаше од тие „води“.

Последните десет години ги проживеа во Љубљана, каде соседите за него имаат само најубави зборови. Велат дека беше многу културен човек кого често го среќавале и разговарале со него додека ги шетал своите две кучиња.

Што и да се мисли или зборува за него, Бора Чорба ќе остане една од најмаркантните личности во рок-историјата на поранешна Југославија, но и по распадот на таа држава, во регионот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ