За разликите во ставовите на европските 27 зборува денешната изјава на министерот за надворешни работи на Франција Жан Ноел Баро во Брисел дека Париз „му остава можност“ на Киев француското оружје да се употреби за напади против Русија, додека Италија соопшти дека е против.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани пристигнувајќи на заседанието на шефовите на дипломатиите во Брисел истакна дека на Киев испорачаното италијанско оружје „може да биде употребено само на украинска територија“.
Тајани воедно истакна дека Рим бара мировна конференција за војната во Украина на која би учествувале и Русите, Кинезите, Индијците и Бразилците за, како што кажа, „да се прекине оваа безумна војна“.
Британската мрежа Би-би-си смета дека потегот на Бајден е повеќе од психолошка отколку од воена природа бидејќи Украина добила ограничено количество оружје со долг дострел, „а и самите американски функционери повторуваа дека еден оружен систем не може да ја добие војната… но тоа е поттик за Украина чија одбрана се урива“.
Германски Дојче веле и уште некои медиуми мислат дека шефот на Белата куќа во заминување со овој потег сака новоизбраниот претседател Доналд Трамп да го стави пред свршен чин и да ја отежни неговата намера брзо да ја заврши војната.
Иако самиот украински претседател Володимир Зеленски најави дека војната по дипломатски пат би можела да заврши во 2025 година, оценките за тоа се различни.
Има мислења дека Москва тоа не би го прифатила ако значи дека нема да ги задржи освоените територии и да го спречи Западот да ја бутне Украина во НАТО.
Финскиот весник Сатакунан канса е уверен дека американската поддршка на Киев секако ќе ослаби и одговорноста ќе падне на грбот на Европа што не е во интерес на Финска бидејќи „Европа нема ни раководство ни средства да преземе таква одговорност“, додека Киев бара повлекување на руските трупи од освоените територии, што е тешко да се замисли.
Финскиот весник заклучува дека „интересот на Украина има мало значење ако се најде на удар на интересите на големите сили“.
Медиумите во ЕУ внимателно ги следат и пренесуваат реагирањата во Москва, вклучувајќи го предупредувањето на еден руски функционер дека светот денес е поблиску до нуклеарна војна отколку во времето на Кубанската криза во 1961, кога за малку било избегнато директно нуклеарно соочување на СССР и САД.