среда, 4 декември 2024

Со бесплатни прегледи се одбележа Денот на хронична опструктивна белодробна болест

Повеќето граѓани не знаат дека имаат хронична опструктивна белодробна болест. Бесплатни прегледи од стручни лица се вршеа денеска по повод Денот на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) во Скопје, каде граѓаните можеа да се тестираат и доколку биде потребно, да добијат препорака да се јават за дополнителни испитувања.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Доцент доктор Димитар Каркински, директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје, појасни дека ако се земат предвид светски статистики, во Македонија би имало минимум 100.000 заболени луѓе.

„Овој ден го користиме за прославување на ХОББ. Всушност, сакаме да ја подигнеме свеста на граѓаните за оваа болест. За жал, оваа болест е многу честа во Македонија. Најглавна причина за ова е пушењето. Македонија е меѓу првите три земји во Европа по користење цигари и се смета дека 45 отсто од адултната популација во Македонија се пушачи. За жал и самите пациенти не знаат дека имаат хронична опструктивна белодробна болест, т.е. имаат симптоми, ама или не ги препознаваат или ги игнорираат, а тоа го знаеме бидејќи немаме толкав број пациенти кои доаѓаат на прегледи, а во консултации со Фондот за здравство, не се ни издаваат толкав број лекови што би требало да ги примаат овие пациенти“, појасни Каркински.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека има ХОББ дијагнози во детска возраст, но, генерално, тоа се мажи над 40 години, пушачи.

Тој ја спомна кашлицата како карактеристичен симптом што се игнорира.

„Прво кашлицата, особено пушачите, сите кашлаат, а никој не доаѓа на преглед. Веќе кога ќе осетат глад за воздух или кога ќе почнат да им ‘свират’ градите, кога не ќе можат да излезат до надвор, кога ќе им биде тешко да се качуваат по скали, веќе тогаш доаѓаат на прегледи, но, веќе таа болест е напредната. За жал, белите дробови неповратно се уништени“, нагласи директорот.

Тој одговори потврдно на прашањето дали аерозагадувањето влијае врз лицата со оваа болест.

„Апсолутно. Аерозагадувањето влијае и кај здравите и кај болните. Само кај здравите не прави толку голем проблем, додека кај пациентите кои веќе имаат хронична опструктивна белодробна болест, бидејќи тоа е хронично воспаление, тоа е како сол на рана да му ставате“, појасни Каркински.

Затоа, додаде има голем број влошувања, прегледи, хоспитализации во текот на зимата.

Според него, главен лек е прекинот на пушење, па после доаѓале лековите.

Доцент доктор Зорица Нановиќ, претседателка на Здружението на пневмофтизиолози, појасни дека граѓаните денеска имаа можност да бидат прегледани од стручни лица и доколку биде потребно, ќе им се даде препорака да се јават за дополнително испитување.

„Тимот од доктори, од медицински сестри и од студенти, денеска врши проценка, прелиминарна ориентациска, на дишната функција, на белодробната функција, со пулсоксиметрија ја одредуваме концентрацијата, односно од процентуално содржината на кислород во крвта и како скрининг метода, одредување на врвниот експираторен проток. Оние лица кои ќе имаат отстапувања во вредностите според таблиците што се предвидени за нив, за пол, за возраст и за висина, ќе добијат препорака на писмено да се јават во некои од пулмолошките институции, првенствено во Институтот, за натамошна проценка на белодробната функција“, појасни Нановиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ