Борко на прес-конференцијата беше со својот адвокат. Голманот на Вардар рече дека суспензијата правно е неиздржана и тој нема намера да ја почитува.
„Мислам дека од денес ќе почне една нова страница во македонскиот спорт и ќе се разјаснат многу работи. Можеби некој го знаеше она кое се случува во спортот, но не се објавуваше јавно. Сите ние знаевме дека зад еден човек стојат повеќе сомнителни ситуации, но јас кажав повеќе пати, можеби предиректно, преспортски, премногу македонски. Меѓутоа сега ќе го покажеме на друг начин, со документи, со индикации за многу криминал по повеќе основи и ќе оставиме на надлежните органи да реагираат и пресудат“, рече Борко на отворањето на прес-конференцијата.
„Одлуката на г-динот Даниел Димевски најмногу се базира на страв и на немоќ, затоа што апсолутно е правно неиздржана. Тој мисли дека со одредена ваква дисциплинска постапка, или казна, ќе ме одврати од намерата да ме заврши она коешто сум го почнал. Сакам да појаснам дека денес исклучително настапувам како Борко Ристовски, како спортист, така ќе ја водам и оваа битка. Сакам да се тргнат овие луѓе од спортот. Г-динот Димевски се прецени во неговите напади. Пред некого да нападнете, треба да го запознаете вашиот противник и да го знаете човекот. Ние имаме документи, а институциите ќе одлучат каков и дали имало криминал“.
„Човекот кој позади себе знае дека има многу индиции за сторен криминал, по мое гостување на една ТВ, се одлучи да се затскрива зад МОК, доведувајќи го во подредена ситуација, една таква институција. Тој правно можеше да поднесе пријава за клевета на суд па таму да се докажуваме, но реши да донесе една нелегитимна одлука која ниту ќе ја почитуваме, ниту ќе се жалиме“.
И покрај тоа што нема да ја почитува одлуката, Борко ќе го тужи МОК на Судот за спортска арбитража во Лозана, а доколку добие отштета, парите ќе ги донира на РК и ФК Вардар.
„Бев во контакт со неколку адвокати од странство и сите ми кажаа дека имам правна основа за тужба до Спортскиот суд во Лозана. Јас ќе го искористам тоа право и во наредниот период ќе испратам тужба до овој суд. Мојата цел не е да се земат средства од МОК, тоа се средтва од спортистите. Сакам јасно да ставам до знаење дека немам намера да заработам со парите што би ги добил бидејќи јас ова не го правам за пари. Било кои средства што ќе ги добијам, ќе ги подарам на спортски клубови, половина за РК а половина за ФК Вардар“, изјави Ристовски, додавајќи дека нема амбиција да биде претседател на МОК.
Според консултациите со својот адвокат, Борко рече дека очекува сумата која би се добила од ваква тужба би се движела од 180.000 до 230.000 евра.