среда, 4 декември 2024

Германија попишува бункери и засолништа, стравува од руски напад

Германските власти, во време на зголемени тензии со Русија, објавија дека ги попишуваат бункерите и засолништата за населението во случај на напад и дека сакаат да го зголемат нивниот број.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Се попишуваат сите згради, вклучително и приватниот имот, што би можеле да послужат како засолништа, како што се подруми, гаражи и станици на подземната железница“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи за време на редовната прес-конференција во Берлин.

Портпаролот додаде дека ќе биде креиран дигитален именик на сите бункери за луѓето брзо да ги најдат користејќи ги своите мобилни телефони.

Граѓаните ќе бидат охрабрени да градат засолништа во своите домови, со пренамена на подрумите или гаражите.

Германскиот дневен весник „Билд“ го опиша планот како „офанзива на бункери“ во земјата што е сѐ позагрижена за потенцијалната руска закана.

Тековниот попис „ќе потрае некое време“, рече портпаролот.

Клучните точки од програмата за развој на засолништата беа утврдени на состанокот на високи претставници во јуни.

Германија, која има 83 милиони жители, има 579 бункери, главно од Втората светска војна и Студената војна, во кои може да се сместат 480.000 луѓе.

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, германските власти ја запреа продажбата на утврдувањата во државна сопственост. Државата и нејзините администрации продале повеќе од 300 бункери од 2005 година.

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин по повод војната во Украина им се закани на западните земји, меѓу кои најзагрижени се членките на НАТО што се блиски до Русија, како што се балтичките земји, Полска и Германија.

Покрај тоа, Русија минатата недела кон Украина истрела балистичка ракета со среден дострел (до 5.500 километри), која може да носи и нуклеарни боеви глави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ