понеделник, 18 ноември 2024

Борел: Европските земји да ѝ дозволат на Украина да го користи далекометното оружје за напади во Русија

Главниот дипломат на Европската Унија, Жосеп Борел, изрази надеж дека европските земји ќе ѝ дозволат на Украина да користи оружје со долг дострел за напади врз Русија, откако САД ги укинаа ограничувањата за американските ракети.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Борел, кој следниот месец ја напушта функцијата шеф за надворешна политика на ЕУ, рече дека долго време верувал дека Украина треба да може да го користи западното оружје за да гаѓа воени цели во Русија.

„Многу пати сум кажал дека Украина треба да може да го користи оружјето што ѝ е доставено не само за да ја запре стрелата, туку и да гаѓа со стрелки“, посочи тој.

Тој изрази надеж дека земјите членки на ЕУ ќе се согласат со ова, сугерирајќи дека, во случај да не се донесе заедничка одлука, „секој би го направил она што смета дека е неопходно за да ја поддржи Украина“.

Франција, како најважна воена сила во ЕУ, сè уште ја нема поддржано американската одлука. Сепак, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, потсети на зборовите на Емануел Макрон во мај, велејќи дека француската влада ќе ја разгледа оваа опција за да дозволи таргетирање цели од таму од каде што Русија „моментално ја напаѓа украинската територија“.

Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп ја оцени американската одлука како многу важна.

„Она што го гледам е дека претседателот Путин главно ги слуша само фактите на теренот. И затоа мислам дека е многу важно САД повеќе да не наметнуваат ограничувања за оружјето доставено до Украина“, убеден е тој.

Тој рече дека одлуката на администрацијата на Бајден е „соодветен одговор“ на распоредувањето севернокорејски трупи од страна на Русија.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека тоа не е промена на западната политика, туку нејзино интензивирање.

„Одлуката на американската страна, и сакам да нагласам дека ова не е промена на ставот, туку интензивирање на она што другите партнери веќе го испорачаа, во овој момент е од големо значење“, рече таа состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, последниот со кој претседава Борел, кој го завршува својот петгодишен мандат.

Осврнувајќи се на својата работа, Борел ги критикуваше членките на ЕУ за неединство и бавно одлучување.

„Мојот последен повик до моите колеги ќе биде: бидете поединствени. Донесувајте одлуки побрзо. Секој пат кога донесовме одлуки за поддршка на Украина, ни требаше премногу време“, рече тој.

Франција, која веќе ѝ достави на Украина ракети со долг дострел, сигнализираше дека сè уште размислува да му дозволи на Киев да гаѓа воени цели во Русија.

„Отворено рековме дека ова е опција што ќе ја разгледаме доколку би се овозможило таргетирање цели таму од каде што Русија моментално ја напаѓа украинската територија. Значи, ништо ново од друга страна“, им рече Жан-Ноел Баро на новинарите пред состанокот на министрите на ЕУ во Брисел, пренесува Ројтерс.

Весли Кларк, поранешниот врховен командант на НАТО во Европа, во изјава за Си-ен-ен рече дека она што Бајден го одлучил за Украина е „премалку“ и дека потегот доаѓа „предоцна“, пренесува Дојче веле.

Сепак, можно е оваа одлука да ѝ помогне на Украина да се најде во подобра преговарачка позиција, смета Кларк.

Имено, доколку Украина со американска помош успее да ја задржи контролата над Курск, при евентуални преговори, би имала противтежа за областите на истокот на Украина што беа окупирани од Русија, додаде тој.

Едно од многуте отворени прашања е дали Трамп ја поддржува оваа промена на курсот во корист на Киев.

Поранешниот советник за безбедност на Трамп, Џон Болтон, го очекува токму спротивното:

„Остануваат само два месеци до преземањето на функцијата од Трамп. Нема многу сомнеж за тоа што ќе се случи: помошта за Украина најверојатно ќе биде намалена“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ