Извршниот директор на ГЕА груп АГ Штефан Клеберт за американската агенција кажал дека нема многу надеж.
„Навистина не сум сигурен дали би можеле да го сопреме овој тренд, би требало да смениме многу нешта многу брзо“, кажал Клеберт.
Блумберг наведува дека темелите на германското индустриско производство паѓаат како домино. Соединетите Американски Држави се оддалечуваат од Европа и сакаат да се натпреваруваат со своите трансатлантски партнери, додека Кина станува главниот ривал и затоа што Америка повеќе не е незаситен купувач на германската стока.
Покрај глобалната нестабилност, политичката парализа во Берлин ја влошуваат домашните прашања како старата инфраструктура, остарувањето на работната сила и бирократијата.
Образовниот систем, кој некогаш беше моќен, е симбол на долгорочниот недостиг од вложување во јавните услуги, пишува Блумберг.
Истражувачкиот институт Ифо проценува дека опаѓањето на математичките вештини ќе го чини стопанството околу 14 трилиони евра производство до крајот на векот. Германија сè уште има голем број мали компании, по поради застојот во реформите не е јасно како би можела да го успори индустрискиот пад.
„Не сме повеќе конкурентни. Стануваме сиромашни бидејќи немаме развој, заостануваме“, кажа министерот за финансии Кристијан Линднер за Блумберг на почетокот на месецот.
Еден од најтешко погодените сектори е хемиската индустрија и тоа директно поради губењето на рускиот гас. Преминувањето на чист водород е сè уште небезбедно, а на секои 10 компании една планира да го прекине производството.
И Кина ѝ создава проблеми на германската индустрија, бидејќи азиските суперсили ја намалуваат побарувачката за германска стока, додека од друга страна конкуренцијата од Кина го преплавува германскиот пазар, особено пазарот на електрични автомобили.
Произведувачите на соларни панели ги затвораат фабриките, бидејќи се натпреваруваат со кинеската конкуренција која има помош од државата, истакнува Блумберг.