„Многу сум загрижен за оваа ситуација“, изјави Бајден за новинарите во воздухопловната база Ендрјус во близина на Вашингтон, каде што ги пречека американските затвореници ослободени од Русија, објави Франс прес.
Тој додаде дека атентатот во Иран на политичкиот лидер Исмаил Ханија „не помогнал на ситуацијата“.
Израел е обвинет за убиството, но земјата ниту потврди ниту докажа дека е вмешана, пренесуваат израелските медиуми.
Бајден изјави дека разговорот со Нетанјаху бил „многу директен“.
„Имаме основа за прекин на огнот. Тој (Нетанјаху) треба да продолжи понатаму и сите треба да продолжат сега“, рече Бајден, пренесе Асошиејтед прес.
Белата куќа соопшти дека американскиот лидер „ја потврдил својата посветеност на безбедноста на Израел против сите закани од Иран, вклучително и (иранските) сојузнички терористички организации Хамас, Хезболах и Хутите.
Во разговорот учествувала и потпретседателката на САД, Камала Харис.
Бајден разговараше со Нетанјаху и за напорите САД да ја поддржат одбраната на Израел и важноста од намалување на тензиите во регионот.
Тој зборуваше и за новото распоредување на американската војска против можни напади со балистички ракети и беспилотни летала.
Во април американските сили пресретнаа десетици проектили и беспилотни летала испукани од Иран кон Израел и помогнаа да се соборат речиси сите.
Двајцата лидери зборуваа додека катарските и египетските посредници се обидуваат да ги спасат разговорите по атентатите на највисокиот политички лидер на Хамас, Ханија во Иран и командантот на Хезболах, Фуад Шукр во Либан.
Овие убиства ги зголемија стравувањата од ескалација во поширока војна, сега регионот чека да види како ќе одговорат Иран и Хезболах.